Иконопочитувањето, само по себе, не е само сведоштво за тоа дека Бог го љуби човекот, туку е сведоштво и за тоа колку самиот човек е величестен и исклучителен, способен за богоуподобување и за совршенство – и покрај неговиот пад, неговата телесност и неговите несовршености.

Кога Светата Црква го утврдила иконопочитувањето, таа пред сѐ ја потврдила вредноста на човекот, вредноста на човечката личност, човечкото достоинство, човековата слобода, човечката љубов. Во сето ова е вклучено и човечкото тело како исклучителна вредност, бидејќи нашето тело стана сродно на телото Христово, бидејќи Христос се воплоти, воскресна и во ова тело се вознесе на Небесата, „и седи од десната страна на Отецот“, како што исповедаме во Символот на верата. Токму заради тоа и нашето тело е свето.

Ете, затоа патот до светоста е очигледен и разбирлив. Ние сфаќаме дека овој пат претставува уподобување на Бога. Ова не е уподобување на она што не го знаеме, не го гледаме, не го слушаме и не можеме да го разбереме, туку е уподобување на Оној, Кој стана како секој од нас.

Затоа апостол Павле убаво напишал во своето Послание до Филипјаните: „Бидејќи вие мора да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Филип. 2, 5). Понатаму тој зборува за Оној, Кој иако бил во обличје Божјо, сепак не држел многу до тоа што е  еднаков со Бога; но Самиот Себе се понизил, земајќи облик на слуга,  и станал подобен на луѓето; и по вид се покажал како човек. (Филип. 2, 7-8).

Оваа подобност на Бога, е образ и приказ на телесното уподобување на нашиот Господ Исус Христос.

Ние го исполнуваме постот, бидејќи телесно се угледуваме на нашиот Господ Исус Христос, Кој четририесет дена постел во пустината. Овој телесен пост е еден од начините за прославување на човечкото тело, на човечката плот.

Затоа, секое иконоборство пред сè е составено од непочитување на човекот, на човековата природа, на неговото тело, на човечките чувства – на слободата и љубовта, на пример; тоа е презир на човечката радост, и истакнување на човечките слабости. Сепак, човечките гревови и слабости се ограничени преку нашето покајание. Ако гледаме на човекот со фарисејска строгост, тогаш секоја негова грешка, секоја негова несовршеност, го сведува до некој микроб, а во најдобар случај – до инсект, со кого не треба да се зборува, и кого лесно можеш да го отстраниш од себе. Тогаш станува премногу лесно и да го осудиш, бидејќи со него не мора да имаш ништо заедничко.

Затоа, кога зборуваме за Триумфот на Православието, мислам дека всушност треба да зборуваме за она прекрасно торжество и победата на човекот над самиот себе. Тој самиот има можност да расне во образот на нашиот Господ Исус Христос, бидејќи е склон кон богоуподобување.

Торжеството на радоста да бидеш човек во Христа, торжеството и среќата Нему да Му приличиш – ете, тоа треба да биде смислата и значењето на овој празник.

Протоереј Алексиј Умински