ХРИСТОВИ ДАРОВИ

Кога Нифонт завршил со псалмот, Христос милостиво го погледнал и повторно климнал со главата, како да сакал да му каже: „Го услишав твоето молење“.
Потоа се слушнал Неговиот сладок и божествен глас, но воедно и жалосен:

– Нифонте, Нифонте! Вечерва Ме растажи, Ми се пожали дека иако толку многу Ме молиш, сè уште не Сум ти дал никаков дар. Но добро, нели си ти оној кој секој ден ми зборува: „Господи, не дозволувај во сегашниот живот, никој да ме прослави и пофали?“ Зошто тогаш се жалиш?

А, потоа, зар не мислиш на тоа кој ви го дава воздухот кој го дишете? Нели е тоа дар? Зар не мислиш на тоа, дека ви ја дадов целата земја со нејзините добра, полските растенија, птиците небесни, морските риби? А што сте ми дале за возврат? Потсмев, удари, плукање, бичување, оцет и жолчка, крст и смрт…

Но и страшните Тајни кои ви ги предадов, Телото и Крвта Моја, нели се дар? Умрев бидејќи ве љубам, погребан бев за да ве избавам од пеколот, ви ги отворив вратите на вечното царство Мое… Нели се тоа дарови? Најпрвин, Нифонте, не заборавај дека ти ги простив многуте тешки гревови. Знам дека за тоа си свесен и благодарен.

Дали забележа како ја наведнав главата и го начулив увото за да ја слушнам твојата молитва? Истото го правам и за сите луѓе кои се молат, иако не ме гледаат. И по сето тоа ти сакаш и друг, поголем дар? Еве, отсега па до крајот ќе бидеш утеха и помош на сите што ќе се најдат во претсмртни маки. Многумина ќе бидат избавени од мачна смрт ако се повикуваат на Мојата сила со твоето застапништво.

Извадок од книгата:
„Свети Нифонт – подвижник меѓу епископи“