Црквата „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ се наоѓа во источниот дел на градот Струмица. Посветена е на свештеномачениците: св. Тимотеј (епископ Тивериополски), св. Теодор (учесник на соборот во Никеја), св. Комасиј – Етимасиј, св. Евсевиј, св. Еротеј, св. Даниил и св. Харитон (монаси – проповедници), св. Петар, св. Теодор, св. Јован, св. Сергиј и св. Никифор (презвитери), св. Василиј и св. Тома (ѓакони), и св. Сократ (војник – презвитер), коишто настрадале за Христовата вера во времето при прогоните спроведени од римскиот император Флавиј Клавдиј Јулијан (361–363). Од IV век наваму заживеал и култот на св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици којшто се формирал и се анимирал на македонска почва. Светителскиот култ се ширел преку сите вообичаени облици: духовниот (градење цркви во нивно име), книжевниот (составување хагиографски, химнографски и друг вид состави), уметничкиот (сликање на нивните портрети по фреските и по иконите), музичкиот (пеење химнографски творби за нив при богослужење), како и преку народната традиција (раскажување легенди и преданија).

Според Жититето за светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, напишано од Теофилакт Охридски кон крајот на XI или во почетокот на XII век, страдањата за христијанската вера на четворицата од Тивериополските маченици Тимотеј, Комасиј (којшто се именува и Етимасиј), Евсевиј и Теодор започнале уште во Никеја во IV век. Токму тогаш, римскиот император Флавиј Клавдиј Јулијан во малоазискиот град Никеја ги мачел, погубувал или прогонувал христијаните кои ја нарушувале паганската традиција. Поради тоа многумина од нив го напуштиле градот и се населиле по разни места. Меѓу христијаните коишто заминале биле и погореспоменатите четворица маченици. Теофилакт Охридски пишува дека најпрво тие побегнале во Солун, а оттаму се преселиле во градот Тивериопол, т.е. Струмица којашто лежи на север од Солун и граничи со Илирик. Таму пронашле спокојство, но и слобода во проповедањето на Христовата вера. Со својот светол живот и христољубивото поведение не само што придонеле во непосредната околина сосема да се проретчи бројот на паганските идолопоклоници, туку ним им се придружиле уште единаесет содружници: Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, Василиј, Тома, Еротеј, Даниил, Харитон и Сократ. Сите заедно воделе вистински апостолски живот. По неуспехот да ги одвратат од христијанската дејност, Јулијановите началници (Валент и Филип) ги осудиле светителите на смрт. Пресудата (погубување со меч) била извршена на 28 ноември. Телата на свештеномачениците биле собрани од христијаните и положени во посебни ковчези на кои било напишано името на секој од нив, какви животи воделе и какви чинови имале во Христа. Со христијански обреди и обичаи биле закопани на гробиштата надвор од градот.

Вака одбележаните гробови биле почитувани и посетувани од месното население, доживувајки најразлични чудотворни исцеленија и доброчинства од светителите.

Веднаш по нивната смрт меѓу месното население, но и пошироко заживеал духовниот облик на воспоставување култ. Врз гробовите на свештеномачениците коишто биле прва градежна структура на доцноантичката некропола во Струмица, во ранохристијанскиот период била подигната архитектонска конструкција (додавање на странични сали) од типот базилика (трикорабна). Се смета дека најдобар и најстар начин да се изгради христијански храм е да биде подигнат врз телата на маченици, а не врз мали фрагменти од нивни реликвии. Од ранохристијанската базилика сочуван е дел од централната (олтарна) апсида, како и најстариот под – хоросан на базиликата со северниот стилобат на којшто се наоѓаат фрагментирани мермерни бази за кои се смета дека припаѓале на стар антички објект. По разурнувањето на ранохристијанската базилика во времето на аваро-словенската инвазија на оваа култно место почнале да се изградуваат гробници. Во прилог на ваквото мислење оди и формата на крстовите насликани со црвена боја по првобитната изградба на централната гробница врз хоросанот, како и констатацијата според којашто ваквите места станале центар на зоната за закопување на привилигираните и биле многу барани од верниците.

Кон крајот на IX или во почетокот на X век, врз темелите на ранохристијанската базилика и над гробовите на мачениците била подигната петокуполна крстовидна црква со централна ѕидна гробница (под наосот на крстовидната црква) во којашто биле насликани во фреско – техника Петнаесетте Тивериополски (Струмички) маченици. Петокуполната црква припаѓала кон тн. „Цариградски“ или „сложен“ тип на црква. Нејзината изградба се поврзува со тогаш возобновениот култ (886- 893) на св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици. Иницијатори и реализатори на повторното заживување на култниот однос кон ранохристијанските маченици биле св. Климент и св. Наум Охридски. Впрочем, по нивното враќање од Моравија во Македонија се иницирало и пренесувањето на нивните мошти во новоизградениот катедрален храм на Брегалница посветен токму на св. Петнаесет Тивериополски (Струмички) свештеномаченици. Интересно е да се спомене мислењето според коешто постои едификациска храмовна сличност меѓу петокуполната Климентова манастирска црква во Охрид со онаа на Петнаесетте маченици во Струмица. Исто така, по угледот на Климентовиот манастир биле подигнати уште и Наумовата црква во Охрид, како и катедралната црква на Брегалница посветена на Тивериополските свештеномаченици.

Се смета дека до обновување на крстовидната струмичка црква дошло и во периодот на охридскиот архиепископ Теофилакт – крај на XI или почеток на XII век. Во прилог на ваквата констатација одат откриените фрагменти од фрески коишто според сликарскиот пристап се датираат токму во наведениот период. Со Грамотата издадена во 1348 – 1352 година средновековниот српски владетел Стефан Душан ја подарил црквата “Св. Петнаесет” во Струмица како “задужбина” на новооснованиот манастирот “Св. Архангели Михаил и Гаврил” кај Призрен. Се претпоставува дека за време на Османлиското владеење оваа црква била разурната. Нејзиното градителско анимирање почнало дури во 1921 година, кога се подигнала малата капела

Во поново време, со помош на археолошки истражувања, најпрво се успеало да се унифицира местото на култот, додека самата црква којашто била во урнатини и со темели под земјините наноси станала предмет на опстојни ископувања од седумдесетите години на XX век па наваму. Дури и во најново време продолжуваат перманентните истражувања врз овој локалитет од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на Струмица. Најновите резултати го потврдуваат континуитетот на почитувањето на култот кон овие општохристијански светители којшто потекнувал уште од IV век.

м-р Васил Ѓоргиев-Ликин,

 историчар и културолог