„Ако имате љубов едни спрема други, светот ќе познае дека сте Мои ученици“.

„Не правете му го на ближниот свој она што не сакате тој вам да ви го направи“.

„И паганите знаат да ги љубат оние од кои се љубени. Лесно е да го љубиш оној што те љуби”.Иако капиталот е темелот на западниот политички и философски поглед на свет, од љубовта не треба да се очекува никаков поврат, односно никаков профит. 

„Ви заповедам да ги љубите непријателите ваши“. Ќе остане ли макар еден човек на планетава што ќе престане да ни биде ближен и ќе биде надвор од зоната на христијанската љубов? Доколку тоа се случи, макар со еден од ближните наши, тој ќе ни стане суд и според нашиот однос спрема него Господ и ќе ни суди.

Вистинските христијани не можат на луѓето да им забранат да им бидат непријатели, но можат и задолжени се да си забранат на себе тие некому да му бидат непријател. Тие не можат да им забранат на луѓето да мразат, но можат и задолжени се да си забранат тие самите да шират омраза.

Етичките норми на речиси сите религиозни системи се во основа добри и претставуваат регулатор на меѓучовечките односи во етничките и религиозните заедници. Сепак, христијанскиот закон за љубовта сите нив ги надминува со повикот Христов: „Љубете ги непријателите ваши!“

Со љубовта спрема непријателот докрај се обесмислува омразата олицетворена во џихадот, инквизицијата, архипелагот Гулаг, Голите Отоци и новите тоталитарни светски поредоци.

Каде што постои љубов спрема непријателот, уште сега и овде, почнува и се живее осмиот ден на Царството Божјо.

Ава Антониј вели: „Јас веќе не се плашам од Бога, туку го љубам. Бидејќи љубовта го истерува стравот“.

„Од ближниот ни зависат и животот и смртта. Зашто ако сме го придобиле братот, сме го придобиле Бога, а ако сме го соблазниле братот, на Христа сме му згрешиле“.

„Еднаш Ава Амон Нитријски, го посетил Ава Антониј и му рекол: „Забележувам дека јас повеќе од тебе се трудам, но твоето име е попочитувано од моето меѓу луѓето. Ава Антониј му одговорил: „Така е, зашто јас го љубам Бога повеќе отколку ти“.