Секогаш Му благодарам на мојот Бог кога те спомнувам во своите молитви,
бидејќи слушам за твојата вера и љубов, која ја имаш во Господа Исуса и кон сите светии,
и молам твојата вера која заедно ја имаме во Христа Исуса, да се покаже на дело во познанието на секое добро.
Зашто ние многу се радуваме и утешуваме поради твојата љубов, брате, бидејќи преку тебе се успокоија срцата на светиите.
Затоа, иако имам голема слобода од Христа да ти заповедам како треба,
сепак од љубов кон тебе те молам јас, каков што сум, старецот Павле, а сега и затвореник Исус Христов,
те молам за моето чедо Онисим, што го родив во своите окови.
Тој некогаш беше непотребен за тебе, а сега ни е многу потребен и на тебе и на мене, и затоа го испраќам назад;
а ти прими го како моето срце.
Јас сакав да го задржам при мене, за да ми служи наместо тебе во оковите за Благовестието;
но без твоја согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна.
Зашто, можеби тој поради тоа се одвои од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш,
но не веќе како роб, а повеќе од роб, како возљубен брат, особено за мене и уште повеќе за тебе – и по тело и во Господа.
И така, ако ме имаш за сотрудник, прими го како да ме примаш мене.
Ако, пак, во нешто ти згрешил или ти е должен, префрли го тоа на мојата сметка.
Послание на св. ап. Павле до Филимон (1, 4-18)