Паднатите ангели или како уште се нарекуваат – паднати духови, демони или ѓаволи – спаѓаат во ангели и во себе ги имаат сите својства на ангелската природа. Затоа, пред да почнеме да зборуваме за паднатите духови, нивната природа и својства, неопходно е да ја разјасниме исконската суштина на ангелската природа, причините за нивното создавање и нивната цел.

Според одредувањето на светиот Атанасиј Велики, „ангелите се живи битија, разумни, бестелесни, способни за славословие, бесмртни“.

Свети Димитриј Ростовски вели дека „ангелите се создадени по образот и по подобието Божјо“ како што подоцна е создаден и човекот. Спрема свети Игнатиј Брајчинов, ликот Божји во ангелите, како и во човекот, се состои од умот во кој се раѓа и во кое се држи мислата и од кој потекнува духот кој ја овозможува мислата и ја оживува. Тој лик е, како и Прволичниот, невидлив, како што тој е невидлив и во луѓето. Тој управува со целокупното битие на ангелите исто како и со човекот. Ангелите се битија ограничени со времето и со просторот и, според тоа имаат свој надворешен изглед.

За причините за создавање на ангелите, свети Григориј Богослов во беседата на светата Пасха вели: „Божјата добрина не се задоволила само со созрецање Сама со Себе: Таа морала да го излее и да го распространи тоа добро за да може многумина да станат учесници на добрината, а тоа е својствено на најголемата добрина. Таа, прво ги осмислила ангелите и небесните духови. Мислата била дело кое влегло во постоење со дејството на Зборот и се усовршила со Духот. На тој начин, создадени се второстепени светлини кои и служат на првобитната Светлина …

Како тивок хор песнопојци, тие ја опкружуваат првобитната Причина или И принесуваат нешто повеќе, според способноста, од славослов со песна, блескајќи во најчиста светлина, осветлувајќи се разновидно во склад со својата природа и со својот чин“.

Според црковното предание, кое најдобро е изразено во работата на светиот Дионисиј Ареопагит „За небесната јерархија“, ангелските чинови се делат на три јерархии: висока, средна и ниска. Секоја јерархија се дели на три чинови.

Во високата јерархија влегуваат: Серафими, Херувими и Престоли. Во средната ангелска јерархија влегуваат три чинови: Господства, Сили и Власти. Во ниската јерархија спаѓаат три чинови: Началства, Архангели и Ангели. Сите чинови на небесните сили го носат заедничкиот назив АНГЕЛИ по суштината на своето служење. Господ им ја открива својата волја на Вишите ангели, а тие, од своја страна ги просветлуваат останатите. На тој начин, тајните Божји одат по надолно по јерархија од Серафимите до Ангелите, при што, секоја следна јерархија се просветлува само во она знаење кое е во состојба да го прими на даденото ниво на својот духовен развој.

Самиот пак збор ангел во превод од грчки значи пратеник, гласник, весник. Овој назив ангелите го добија од карактерот на нивното служење, насочено кон Себлагиот Бог за спасение на човечкиот род. За тоа сведочи и апостол Павле, кој вели: „Нели се сите оние духови за служење, кое се испраќа да им служи на оние кои ќе наследат спасение (Јован 1,14). По мислењето на светиот Григориј Богослов: „ …бидејќи тие се служители на Божјата волја не само по своите природни способности, туку и по изобилството на благодатта, тие се пренесуваат на сите места, и секаде се присутни, како по брзото вршење на службата, така и по леснотијата на својата природа“.

Впрочем, по сведочењето на светиот Игнатиј Брајчинов, служењето на ангелите не се состои само во помагање за спасение на човечкиот род, туку тие поради тоа служење го добиле тој назив меѓу луѓето, а тој назив им го дал Светиот дух во Светото писмо. Времето на создавањето на ангелите не е точно наведено во Светото писмо, но по учењето кое го прифати светата Црква создавањето на ангелите претходи на создавањето на материјалниот свет и на човекот.

извор- https://svetosavlje.org/ljudi-i-demoni/3/