Кога Бог го создал човекот, Он во него всадил нешто божествено, како некоја помисла што ја има во себе, слична на искра, на светлина, топлина. Помисла што му го просветува умот и му покажува што е добро, а што зло. Тоа се нарекува совест и таа е природен закон. Според толкувањето на светите отци, тоа се оние кладенци што Исак ги копал, а Филистејците ги закопувале (1. Мојс. 26,15). Следејќи го овој закон, т.е. совеста, патријарсите и сите светии пред пишаниот Закон Му угодиле на Бога. Но кога луѓето, со гревопадот, ја закопале и пригушиле неа, неопходен настанал пишаниот Закон, неопходни станале светите пророци, неопходно било и самото доаѓање на нашиот Владика Исус Христос, за да ја открие и подигне неа (совеста), та загаснатата искра повторно да се распали преку запазувањето на Неговите свети заповеди.

Сега во наша власт е дали повторно ќе ја закопаме неа или ќе ѝ дозволиме да свети во нас и да нè просветува, ако ѝ се покоруваме. Зашто кога нашата совест ни говори да направиме нешто, а ние го пренебрегнуваме тоа, и кога таа повторно говори, а ние не делуваме, туку продолжуваме да ја пригушуваме, тогаш ја закопуваме и таа веќе не може јасно да ни говори поради тежината што лежи врз неа, но како светилник што свети зад завеса, така почнува и таа да ни ги покажува нештата затемнето. И како што никој не може да си го препознае сопственото лице во вода заматена од многу талог, така и ние по престапот не разбираме што ни говори совеста, така што ни се чини како таа и да ја нема во нас. Сепак, не постои човек кој нема совест, зашто таа, како што веќе кажавме, е нешто божествено и никогаш не исчезнува, но секогаш ни напомнува за полезното, а ние тоа не го чувствуваме, бидејќи ја пренебрегнуваме и загушуваме.

Затоа пророкот го оплакува Ефрем и вели: Ефрем го порази својот противник и го победи судот (Ос. 5,11). Противник се нарекува совеста. Затоа и во Евангелието е речено: Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант (Матеј 5: 25 – 26). Но, зошто совеста се нарекува противник? Бидејќи секогаш се противи на нашата зла волја и ни напомнува што треба да правиме, но ние не правиме, и што не треба да правиме, а ние правиме, и за тоа нè осудува, затоа и Господ ја нарекува неа противник и ни заповеда, велејќи: Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него. Патот, како што вели св. Василиј Велики, е овој свет.

И така, браќа, да побрзаме и да ја пазиме нашата совест, додека се наоѓаме во овој свет и да не дозволиме да нè изобличува заради нешто, да не ѝ се противиме во ништо, макар да е тоа нешто многу мало. Знајте дека од пренебрегнување на она малото и ништожното, всушност, преминуваме и кон пренебрегнување на големото. Зашто, ако некој почне да вели: „Што е важно, ако го кажам овој збор? Што е важно, ако го изедам тоа? Што е важно, ако погледнам на ова или она?“ Од тоа: „Што е важно ова, што е важно она“ – тој паѓа во лоша навика и почнува да го пренебрегнува големото и важното и да ѝ се противи на својата совест, а на тој начин, допирајќи го злото, се наоѓа во опасност да дојде и до совршена бесчувствителност. Затоа, браќа, пазете да не го пренебрегнувате малото, да не го презирате како малечко и ништожно, тоа не е мало, бидејќи со него се образува лоша навика. Да внимаваме на себе и да се грижиме за лесното, додека е тоа е лесно, та да не стане тешко. Бидејќи и добродетелите и гревовите започнуваат од малото и доаѓаат до големо добро или зло. Затоа Господ заповеда да се пази сопствената совест и особено го поучува секого од нас, велејќи: „Гледај што правиш, несреќнику! Опамети се, помири се со противникот твој, додека си на пат со него“. Потоа ги укажува бедните последици од непазењето на оваа заповед: за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен. А потоа што? – Вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сè дури не го дадеш и последниот кодрант. Зашто совеста нè изобличува, како што реков, и во доброто, и во злото, и ни покажува што да правиме. И таа ќе нè осуди нас во идниот век, затоа и е кажано: за да не те предаде на судијата итн.

извор- http://mistagogia.mk/ava-dorotej-za-sovesta/