Некој брат му позавидел на свети Пафнутиј за неговиот успех во добродетелите, па посакал да го понижи и омаловажи меѓу браќата и да го прикаже како крадец.
Во време кога свети Пафнутиј не бил во неговата ќелија, овој брат – небрат влегол внатре и меѓу листовите од палма, од кои светителот плетел кошници, сокрил една од своите книги. Потоа отишол кај презвитерот свети Исидор и се пожалил дека неговата книга е украдена. Сето ова многу болно повлијаело врз сите браќа во манастирот. Кога браќата малку се прибрале од изненадувањето, на предлог на оној чија книга наводно била украдена, сите браќа останале во црквата, а неколкумина отишле да ги претресат ќелиите. Тогаш, во ќелијата на Пафнутиј, тие ја нашле скриената книга. Пафнутиј воопшто не се бранел, ниту пак нешто рекол, но му се предал на Бога и на судот на старците. Цели две недели покајнички и трпеливо ја поднесувал неправдата, иако воопшто не бил виновен.
Тој судот и пресудата ја предал на Божји раце. По петнаесет дена, кога Пафнутиј отишол да моли прошка пред Црквата, тогаш совеста го принудила неговиот клеветник да им го соопшти своето недело на своите браќа. Тој бил толку измачуван од нечистиот дух, што дури и молитвите на светите луѓе не можеле да го исцелат. Потоа бил излекуван од самиот Пафнутиј.