Бесот на унинието, кој се нарекува пладневен, е пострашен и понеподнослив од сите други бесови. Тој им пристапува на монасите околу четири часот (по денешно време – околу десет часот) и ги заобиколува до осум, односно до два часот попладне.
Најнапред ги тера со незадоволство да видат како сонцето се движи полека, па им изгледа како тоа воопшто да не се движи и како денот многу повеќе да се продолжува. Потоа ги тера почесто да погледнуваат низ прозорот, па дури и да излегуваат од ќелијата, за да го посматраат сонцето и да видат уште колку време останало до деветтиот час, при што не изостава да им вметне во умот да погледнат и наоколу, за да видат дали има некого од браќата.
Овде демонот на унинието кај монахот предизвикува незадоволство и здодевност од местото каде тој се наоѓа, и од самиот начин на живеење. Потоа го тера да се одврати и од својата работа и од своето ракоделие, и на крајот монахот почнува да мисли дека престанала и самата љубов меѓу браќата и дека нема ниеден кој би можел да го утеши и охрабри.
Ако некој во текот на тие дни го навредил овој монах, тоа силно му го напоменува демонот за да му ја зголеми здодевноста. Потоа, го тера да посака да се пресели во некое друго место, во кое ќе може полесно да го набавува она што му е неопходно за неговите животни потреби; да започне некоја друга рачна работа, која нема да биде толку тешка и која ќе му овозможува поголем приход. Овде, во овој момент, уште му додава дека неговото спасение не зависи од местото каде што тој се наоѓа и дека на Бога насекаде може да Му се поклонува и да Му угодува.
Откако ќе ги поврзе овие помисли со спомените од неговите домашни и со задоволствата што ги имал пред да дојде во пустината, демонот му прорекува дека долго ќе живее и дека ќе се измачува од своите подвижнички трудови.
И така, употребувајќи ги овие и разни други лукавства, тој понекогаш успева монасите да ги наведе да ја остават својата ќелија и да го напуштат духовното борбено поле. Подоцна, по овој демон, настапува некој друг.
Кај секого кој се бори и победува, по овој тежок подвиг настанува една мирна душевна состојба: неговата душа се исполнува со неискажлива радост.
Ава Евагриј Понтиски