Ако сакаме да Му се потчиниме на Христа, мораме да покажеме послушание, но не така, што ќе бидеме послушни само во она што нам ни се допаѓа. Во Гетсиманската градина, Христос побарал спасението на човечкиот род да се изврши на поинаков начин од оној што му бил мил на Небесниот Отец. Но бидејќи Небесниот Отец се одлучил за Крстот, Христос одговорил: „Не како Јас што сакам, туку како Ти, Оче“ (Матеј 26, 39), и бил послушен до смртта, и тоа смрт на Крст (Филипјани 2, 8).

Богословието произлегува од молитвата, а молитвата од совршеното послушание. Ако нема послушание, монахот набргу ќе го изгуби секој талант и секој дар што го поседува. Вистинскиот послушник изобилува и се богати со сите дарови на Утешителот, сега и во сите векови.

За да нè посети благодатта Божја, мораме со совршено послушание да го примениме сето она на што сме научени. Да не ја додаваме својата волја на волјата на старецот, зашто тоа се нарекува духовна прељуба. Мораме искрено да се трудиме во своето послушание, инаку нема да напредуваме на монашкиот пат.

Смирението е онаа добродетел, која чудесно помага да се примени совршеното христолико послушание. Напротив, егоизмот и гордоста се противат на нејзиното стекнување.

Послушникот е должен да се жртвува за старецот, да го возљуби многу, бидејќи единството со него ја зајакнува неговата душа во подвигот. Кој го љуби и му е послушен на својот старец, тој нема да остане без духовни плодови преку молитвата на духовникот. Таквиот, секако ќе се спаси и ќе се искачи на пресветлиот Престол Божји. Оној што го огорчува старецот, подоцна ќе плаче над својата духовна пустелија.

Застрашувачки и ужасно е да вршите притисок над вашиот старец и да го присилувате да го стори она што вие го посакувате, а неговата душа тоа не го посакува. Тоа е страшно, и тоа го знае само оној што поседува личен опит.

Твојот духовен отец и твојот старец вреди повеќе од сите луѓе на светот, повеќе од целиот свет. Само ѓаволот подобро од сите знае што значи твојот старец и што значи совршеното послушание кон него.

Никогаш не испитувај што прави твојот духовник, или зошто го прави ова или она. Немој да му судиш, зашто ќе станеш антихрист! Никогаш во својот живот немој да бидеш попустлив кон оние што зборуваат против старецот. Напротив, веднаш спротивстави им се! Заштити го и одбрани го. Зашто Христос ги исправа неговите грешки и човечки недостатоци, заради беспоговорното и чисто послушание.

Старец Ефрем Филотејски