Господ не ја сака смртта на грешникот. На покајникот Он му ја дарува благодатта на Светиот Дух. Благодатта ја облива душата со смирение и со слобода, за да може со умот и срцето да биде во Бога. Кога Светиот Дух ни ги проштава гревовите, душата се ослободува за да Му се моли на Бога со чист ум. Тогаш, таа слободно Го созерцува Бог, бидувајќи спокојна и радосна во Него. Без Бога нема слобода, бидејќи демоните ја разнебитуваат душата, внесувајќи ѝ лоши помисли.

Ја кажувам вистината пред сиот свет: јас сум недостоен пред Бога, и ќе очајував за моето спасение, ако Бог не ми ја подадеше благодатта на Светиот Дух. Светиот Дух ме научи, и затоа пишувам за Бога без напор.

Тагувам, и плачам, и пискотам заради луѓето. Мнозина мислат: грешев многу… убивав, крадев, насилствував, клеветев, блудничев, и многу други нешта сторив. Но, тие, иако засрамени не се покајуваат, заборавајќи дека сите нивни гревови пред Бога се како капка во морето.

О, браќа мои, цела земјо! Покајте се, додека има време. Бог милостиво го чека нашето покајание. Бидејќи Бог е љубов, и Светиот Дух во светиите е љубов. Барај, и Господ ќе ти прости! А кога ќе добиеш проштавање на гревовите, тогаш твојата душа ќе биде радосна и весела. Благодатта на Светиот Дух ќе ја обземе твојата душа и ти ќе речеш: „Ете ја вистинската слобода. Таа е во Бога и од Бога“.

Благодатта Божја не ја одзема слободата, туку ни помага да ги исполниме Божјите заповеди. Адам ја имаше благодатта, но неговата волја не му беше одземена. Така и Ангелите престојуваат во Светиот Дух, имајќи ја слободната волја.

Мнозина не го знаат патот на спасението, талкаат во темнина, не гледајќи ја светлината на вистината. А Он беше, Е, и ќе биде. И милостиво сите нѐ повикува кон Себе: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети, познајте Ме Мене, а Јас ќе ви го дадам спокојот и слободата“.

Вистински сме слободни, кога сме во Бога. Јас порано не го знаев тоа. До мојата дваесет и седма година јас само верував дека Бог постои, но не Го познавав. А кога мојата душа Го позна преку Светиот Дух, почнав огнено да настојувам да бидам со Него. И сега, со жар Го барам дење и ноќе.

Господ сака да се љубиме еден со друг. Во љубовта е слободата! Во љубовта спрема Бога и спрема ближниот. Во љубовта е слободата на еднаквоста. Во земните чинови не постои еднаквост. Но, за душата тоа не е значајно. Не може секој да биде цар, кнез, патријарх, игумен, или старешина. Но, во секое чинодејствие може да се љуби Бог и да Му се угодува. Само тоа е значајно. И кој повеќе Го љуби Бога на земјата, тој ќе биде во поголема слава во Царството. Кој посилно љуби, поупорно се стреми кон Бога, бидувајќи поблиску до Него. Секој ќе биде прославен според силината на својата љубов. Јас се уверив дека љубовта може да биде различна според својата сила.

Кој се плаши од Бога, нека биде претпазлив да не Го нажали со што и да било. Тоа е првата љубов. Кој има ум со чисти помисли – тоа е втората, поголема од првата. Кој јасно ја чувствува благодатта во својата душа – тоа е третата љубов, уште поголема.

Четвртата, совршена љубов спрема Бога, ја имаат оние кај кои благодатта на Светиот Дух е и во душата и во телото. Нивните тела се осветуваат и ќе станат мошти. Така се случува кај големите свети маченици, кај пророците, кај преподобните. Кој го достигнал ова ниво, тој е неприкосновен за телесната љубов. Тој слободно може да спие покрај мома, а кај него да не се побуди никаква желба спрема неа.

Љубовта Божја е посилна од љубовта спрема жената, којашто го привлекува целиот свет, освен оние што ја поседуваат благодатта Божја во полнота. Оти сладоста на Светиот Дух го преродува целиот човек, и го учи да Го љуби Бога целосно. Од полнотата на Божјата љубов, душата е недопирлива за светот. Дури и да живее на земјата, среде другите луѓе, човекот од љубовта Божја, го заборава световното. И тешко нам, оти заради суетноста на нашиот ум, не заслужуваме да останеме во таа благодат. Таа ја напушта душата, која потоа плачејќи и крикнувајќи повторно ја бара: Тагува душата моја по Господа!

Старец Силуан Атонски