Кој го победил гневот, тој ги победил и бесовите, а кој бил заробен од него, тој е туѓ на монашкиот живот и е далеку од патиштата на нашиот Спасител. Зашто, како што е речено, Господ ги учи кротките на Своите патишта (Псал. 24, 9).
Затоа и духот на отшелниците не може да биде уловен, ако прибегнува во долината на кротките. Зашто, од ниту една добродетел демоните не се плашат толку многу, колку што се плашат од кротоста. Неа ја придобил и великиот Мојсеј, кој бил наречен покроток од сите луѓе. И светиот пророк Давид кон кротоста се однесува, како кон достојна за Божјото спомнување, кога рекол: „Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност“ (Псал. 131, 1).
И Самиот Спасител ни наредил да се угледаме на Неговата кротост, велејќи: „Поучете се од Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11, 29).
Но, ако некој се воздржува од јадење и пиење, а гневот го раздразнува со лоши помисли во себе, тогаш тој е сличен на кораб кој плови по морето, а чиј кормилар е демонот. Затоа, колку што нè држи силата, треба да пазиме и да го набљудуваме овој наш пес и да го подучуваме, за тој да ги гони и да ги измачува само волците и никако да не ги каса овците, покажувајќи ја секоја кротост кон сите луѓе (Тит. 3, 2).
Ава Евагриј Понтиски