Исполнувајќи ги своите обврски, не воздивнувај и не вознемирувај се кога се трудиш во она што е возможно. Невозможното и Господ не го бара од нас.

Исполнувајќи го она што е потребно, не фали се во своите мисли и не очекувај благодарност. Љубовта кон правдата ја содржи во себе вишата благородност, која не е изразена во зборовите, туку е дејствителна во совеста на оној, кој правилно постапува.

Не лажи се себеси со разни фантазии, тогаш кога во пракса живот ти е добро и складно поставен.

Благодари Му на Бога за минатото и сегашноста! Често, и најмногу од сѐ, погрешниот слој на мисли нѐ прави несреќни, и ние, наместо славејска, кукавичка песна пееме.

Ако не владееш со себеси во мислите, обрати се кон читањето. Можеш да направиш добар избор на историски книги, но знај дека читањето на Светото Писмо најдобро ги зауздува мислите. Најполезно од сѐ пак е молитвеното читање на псалмите. Таа книга е подобна на великолепна вазна, со своите чудесни шари и цветови. Не биди мрзлив, одбери го она што ти е по срце и разум, и тогаш помислите ќе стивнат.

Бог е светлина и живот. Често обраќај се кон Него, и ќе исчезнат мракот и мртвата здодевност.

Пророкот вели: „Ако појдам и меѓу смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти Господи Си со мене (Пс. 22, 4)“ И со секој, што повикува кон Господа, Он е покрај него.

И така, не бој се од мрачните мисли, ниту пак од немирните околности, како од сенка смртна. Оди со цврст чекор и повикувај го Господа на помош, говорејќи: Боже мој и Господи, дојди ми на помош (Пс. 69, 2), и помогни ми! И Он, како милостив Отец ќе ти помогне во сѐ.

Не плачи, но поттикнувај се себеси кон разумност и храброст. Оди со надеж кон Божјата помош, како прав христијанин, по царскиот пат.

Прави го доброто, колку што можеш со смирение. Никого не осудувај и не роптај, а моли се за непријателите, и ќе дојде време кога, на твоја радост, Бог ќе ги преобрази нивните срца.

Преподобен Антониј (Медведев)