„Со разумното движење на душата, ние сме икона Божја. Телото, пак, претставува нејзино живеалиште. Но со Адамовиот грев, не само што се осквернети цртите на оваа богосличност, туку и нашето тело, малку по малку, паднало во распадливост. Затоа се воплоти Словото Божјо и бидејќи е Бог, со Своето Крштевање ни ја даде водата на спасението заради преродба. Се преродуваме со вода и преку дејството на Светиот и Животворен Дух. Оттаму, се очистуваме и во телото и во духот – барем оние коишто се стремат кон Бога со целата своја волја – и тоа на тој начин што Светиот Дух се вселува во нас, а гревот бега од Него…“

Благодатта ја крие својата присутност во оној којшто е крстен, чекајќи душата да ја посака. Кога, пак, целиот човек, наполно ќе се сврти кон Бога, тогаш во неискажливо доживување благодатта открива дека е присутна во срцето… Ако човек почне да напредува држејќи се до заповедите и неуморно повикувајќи Го Името на Господа Исуса Христа, тогаш, до крајните граници на срцето, се разгорува огнот на божествената благодат, спалувајќи го, јасно и видливо, целиот плевел на тлото на човековото битие.

Кога во молитвеното сеќавање на Бога ќе го затвориме секој излез за нашиот ум, тој незаситливо бара работа со којашто би ја задоволил својата потреба за активност. Тогаш мораме да му го дадеме Господа Исуса како единствено занимање, кое целосно соодветствува на остварувањето на неговата цел…

Кога душата е возбудена од гневот или е поматена од пијанство или е притисната со тешка изнемоштеност, умот не може да се восредоточи на молитвеното сеќавање на Господа Исуса, колку и да биде принудуван на тоа. Но, кога душата ќе се ослободи од страстите и кога ќе стекне благодат, тогаш таа заедно со него се задлабочува во размислување и повикува кон Господа Исуса, онака како што мајката го учи своето дете да каже ’татко‘, повторувајќи го зборот заедно со детето сè додека тоа не се научи, наместо обичното детско пелтечење, својот татко јасно да го повикува по име, дури и во сон. Затоа Апостолот и вели: „Исто така и Духот нè поткрепува во нашите немоќи; бидејќи како што треба не знаеме за што да се помолиме, туку Духот Самиот посредува за нас со неискажливо воздивнување“ (Рим. 8, 26).

Свети Дијадох Фотикиски