Блажен е оној, кој во Господа станал потполно слободен од сè што е земно во овој суетен живот и Го возљубил единиот, благ и милосрден Бог.

Блажен е оној, кој станал вршител на добродетели, и како плодоносна нива принесува обилни плодови на животот во Господа.

Блажен е оној, кој стоејќи на служба Божја, на молитва, секој час, како ангел небесен, има чисти помисли и не му дава пристап на лукавиот, за да не му ја пороби душата и да го одвои од Бога Спасителот.

Блажен е оној, кој ја љуби светињата и како светлина стои во целомудреноста, и кој не го осквернавил пред Господа своето тело со срамни дела на лукавиот.

Блажен е оној, кој во себе носи постојано сеќавање на Бога, затоа што таквиот на земјата е како ангел небесен, непрестајно свештенослужејќи Му на Господа со страв и љубов.

Блажен е оној, кој го возљубил покајанието, спасоносно за грешниците, и не се насладува со гревот, за да не се покаже неблагодарен пред Спасителот, нашиот Бог.

Блажен е оној, кој подобно на храбар војник и чувар на царските ризници, ја чува својата душа и своето дело беспрекорни во Господа.

Блажен е оној, кој како ангел на небото има чисти помисли и со устата го изговара името на Оној, Кој има власт над секое живо битие.

Блажен е оној, кој станал подобен на серафимите и херувимите, и кој не замолчувајќи и славословејќи Го Господа, никогаш не е мрзелив за духовно свештенослужење.

Свети Ефрем Сириски