Телото Христово во Себе имаше извор на божествена светлина, од каде што заблеска и го просветли сомничавиот Тома, така што тој започна совршено да богословствува и во истиот момент извика: „Господ мој и Бог мој!“ Господ на тоа му рече: „Поверува затоа што Ме виде, но блажени се оние кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20, 29), покажувајќи на тој начин дека оние што ја виделе Неговата слава со своите сопствени очи, немаат ништо повеќе од оние кои преку нив поверувале во Него. Ако Он не беше рекол „кои ќе поверуваат“, туку „кои поверуваа“, тоа е затоа што тоа беше речено со божествената сила на предзнаењето на Оној Кој знае сè, уште пред тоа да се случи, и за Кого иднината е иста со она што веќе се случило.

Само што ми дојде една мисла која ќе ја откријам и на вашата љубов. Гледајќи дека Тома, за време на неговото отсуство, сè уште беше неверен и дека, по средбата со оние кои поверуваа, ни најмалку не погреши во верата, ми падна на памет дека дури и грешниот човек, ако го избегнува дружењето со лоши луѓе и се обратува кон праведниците, тој никогаш не би згрешил во својата праведност и, благодарение на неа, ниту во посветеноста за спасението на својата душа. Мислам дека токму тоа сака да го каже Пророкот – Псалмопевец, величајќи го оној што избегнува да седи на соборот на безбожните и на патот на грешните не застанува. За тоа зборува и еден друг пророк: Не зборувај многу со оние чии намери се злобни (Сир. 16, 7), како и писателот на Изреките: оди со премудрите и премудар ќе бидеш (Изреки 13, 21).

Заради тоа, браќа, честопати да се сретнуваме и меѓусебно да се предаваме во Црквата Божјата, затоа што секој што е вистински побожен, ревносно на неа ќе ѝ се предаде и непоколебливо ќе престојува во неа. Секој од нас, влегувајќи во неа, нека го земе за пример оној што е попобожен од него, а таквите може да се препознаат по нивниот изглед, бидејќи самите молчаливо се насочени кон молитвата. Затоа, секој нека обрне внимание на примерот на побожните и на оние кои многу повеќе од другите се плашат од Господа. Нека им се довери и заедно со нив нека застане пред Бога и до нив нека се придржува. Кога, пак, ќе излезе по отпустот – и ако е тоа ден Господов кога тој е слободен од сите земни работи заради Господа, по Кого е именуван овој ден – внимателно нека бара дали има некој што се угледува на апостолите кои, иако беа целосно затворени, живееја во исчекување на Господа – преку молитва во тишината и со пеење на псалми и со поинаков и на тоа соодветен начин на живот. Нека му се придружи на таквиот човек и со вера нека влезе во неговата ќелија, како на некое небесно место во кое се наоѓа силата на Духот која осветува. Нека седи покрај нејзиниот жител и нека остане покрај него што е можно подолго. Нека беседи со него за Бога и за божествените работи, распрашувајќи се и смирено поучувајќи се, молитвено повикувајќи ја помошта. Со сигурност знам дека, ако така ја побара, Христос невидливо ќе му пристапи и ќе му подари внатрешен мир на човекот кој на тој начин размислува, и дека ќе го приврзе за верата и ќе му даде непоколебливост и дека во свое време ќе го обедини со избраните во Царството Небесно, кое сите ние ќе го здобиеме во заради нас починатиот и воскреснатиот Цар на вековите – Христос, Кој ќе дојде повторно, и Кому Му доликува слава во сите векови, Амин!

Св. Григориј Палама