Ако те загрева огнот на телесна страсна желба, спротивстави му го адскиот оган, и тој за миг ќе изгасне и ќе го снема.

Ако имаш намера да направиш нешто лошо, помисли на она крцкање на заби и стравот ќе завладее со твојот јазик. Имаш ли намера нешто да украдеш, слушни што заповеда Судијата, Кој вели: „Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“ (Мат. 22, 13), па така ќе ја истераш од себе и оваа страст.

Робуваш ли на пијанството, живееш ли во невоздржаност, слушни ги зборовите на богатиот: „…испрати го Лазар за да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен…“, но тоа не вродило плод и не му донело помош на богатиот (Лук. 16, 24-25). Овој расказ често да си го обновуваш во умот, па ќе отстапиш од страстите и невоздржувањето.

Ако, пак, сакаш забави и веселби, поразмисли за тешкотиите и страдањата што те чекаат таму, во адот, и повеќе нема ни да помислиш на веселбите. Ако си суров и немилосрден, честопати спомнувај си на оние девојки на кои, бидејќи светилките им се изгасиле, не им било дозволено да влезат во одаите на Младоженецот, па бргу ќе станеш човекољубив.

Можеби си мрзелив и немарен? Размисли за уделот на оној што го сокрил својот талант во земјата, па ќе станеш побрз од огнот. Те разјадува ли страста како да завладееш со имотот на својот ближен? Непрестајно замислувај го овој црв кој не умира, па лесно ќе се ослободиш од таа болест, и сите свои останати слабости ќе ги исправиш.

Бог ништо тешко не ни заповедал, ништо што ги надминува нашите сили. А зошто тогаш Неговите заповеди ни се чинат толку тешки и тегобни? Па, заради нашата раслабеност. Доколку имаме доволно грижа и ревност, тогаш и најтешкото станува лесно и едноставно остварливо.

Ако се предадеме на мрзеливост, тогаш и тоа што е лесно станува тешко. Расудувајќи за сето ова, не треба да гледаме како некои луѓе својот живот го поминуваат во раскош и во невоздржување, туку да го насочиме нашето внимание кон тоа каков ќе им биде крајот. Во овдешниот живот нивниот крај е дебелеење и пропаѓање на телото, а во идниот – црв и оган. Исто така, не треба да го насочуваме нашиот поглед кон тоа како крадците пљачкаат, туку на нивниот крај; веќе во овој живот таквите ги разјадува немир, страв, мачење на совеста, додека во идниот век ги чекаат окови, што никој не ќе може да им ги извади.

Ако самите размислуваме на овој начин, набрзо ќе ја отфрлиме пристрасноста кон овдешните и во себе ќе ја поттикнеме љубовта кон идните добрини. Блазе си им, стопати блазе си им на оние кои се насладуваат со последните! И обратно: достојни се за жалење и стопати повеќе се несреќни оние кои пребиваат во маките!

Свети Јован Златоуст