Блажен е оној, кој го усогласува својот живот со вистината и не се оддава на лагата. Човек е среќен кога ја твори вистината, зашто „Бог е вистинит“ (Јован 3, 33), и лага во Него нема.

Кој нема да му завиди на човек што ја запазува вистината?

Кој живее во вистината, тој секогаш му е угоден на Бога. Тој за сите луѓе е полезен, во општеството е прекрасен и во секоја работа праведен! Човекот на вистината не им угодува на луѓето, не ги суди неправедно другите, не си припишува достоинство и чест, не го презира малиот и бедниот, во своите одговори не е лукав, во размислите е праведен, во работата ревносен, во општеството чесен, не познава подлост, не сака лицемерие, се краси со добри дела, се раководи од секоја добродетел. Навистина блажен е човекот, кој секогаш и во сѐ ѝ служи на вистината!

Меѓутоа, жален и злотворен е секој човек кој се допира до било каква лага: зашто, ѓаволот од почеток е татко на лагата ( Јован 8, 44 ). Кој кисне во лагата, тој е колеблив и несмел: злобен е пред Бога и пред сите луѓе! И навистина, кој не ќе го исплаче човекот што го поминува својот живот во лага! Таквиот човек во ниедна работа не заслужува доверба и во секој одговор е сомнителен. Тој во животот предизвикува гнев и расправии. Во општеството, пак, е тоа што е ’рѓата за железото. Тој е дрзок по срце и непристоен во однесувањето – ги потслушнува туѓите тајни и лесно ги открива; умее со својот јазик да ги излаже и оние кои цврсто стојат во вистината и доброто. Ништо не говори без клетва и мисли дека убедува со многусловие. Пронаоѓа лаги и итро испревртува. Нема рана подлабока и не постои срам повисок од лагата: лажливиот за сите е гнасен, пред сите е смешен. Ете зошто треба да бидеме внимателни кон себеси. Никогаш да не престојуваме во лагата!

Св. Ефрем Сириски