Нашиот Бог не е богот на философите или скептиците. Тој е Бог на нашите татковци, Личност, а не идеја.

Овој Бог, заради Својата безгранична љубов кон Своето создание, се јавува во Својата несоздадена сила и се поврзува со човекот во единство исполнето со љубов, во Својата Црква, во Христа.

Во основата на оваа длабока и вистинска љубов е слободната волја. Невозможно е да љубиме некого по силата на некаква неопходност или принуда.

Светиот Бог, заради Својата татковска љубов и почит кон човекот, сака тој да биде слободен. Тој никогаш не ни се наметнува Себеси, но трпеливо го чека времето на нашиот слободен избор. Поинаку кажано, Бог очекува од човекот да Го прифати во неговиот живот, но секогаш му дава слобода дури и да Го отфрли.

Бог доаѓа кај нас и ни се открива, но само откако со слободата на љубовта сме Го прифатиле во својот живот. Неговата слава и Неговата неискажлива милост ни се откриваат и ние се насладуваме на Неговото благословено присуство. Преку овој опит учиме како е да се живее со Бога, исто така учиме, дека ако Тој не ни се открие, ние самите не би можеле да стапиме во заедница со Него, да Го откриеме и да се сретнеме со Него, со нашиот Творец и Создател.

И обратно: кога не ги исполнуваме Неговите заповеди, ние Го отфрламе, не Го љубиме и се држиме далеку од Него, бидејќи е речено: „Оној што ги има Моите заповеди и ги пази, тој е оној што Ме љуби“ (Јован 14, 21). Така, ние одбиваме да ги слушаме Неговите зборови и остануваме сами, без Бога, неспособни да љубиме, потопени во горчливата агонија на нашата сопствена себичност.

Бог ни дава можност да избереме сами, без да ни го наметнува Неговото присуство, а покрај тоа и внимателно ни помага да ја надминеме својата немоќ и да го избереме она што е за наше добро. За наше добро е, без разлика дали сме свесни за тоа или не, да Го откриеме, да Го сретнеме, да се соединиме со Него и да останеме со Него. Ова е целта на нашиот живот, целта за која од Него сме биле создадени.

„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единствениот вистински Бог, и од Тебе испратениот Исуса Христа.“ (Јован 17, 3).

Јеромонах Филотеј Григоријатис