Празнувајќи го Богојавлението Господово на Јорданските води, да се потсетиме дека нашиот Господ Бог и пред тоа се појавуваше врз водите, за да изврши различни прекрасни дела. Така, кога Тој се јави над водите на Црвеното Море, тогаш „го откри дното на длабочините“ и ги преведе Своите луѓе, како по суво. Кога во ковчегот преминуваше преку Јордан, тогаш го сврте текот на реката наназад, за што е речено: „Јордан назад се врати“. И на крај: во почетокот, кога „Духот Божји лебдеше над водата“, Бог ги создаде небото, земјата, птиците, ѕверовите, човекот и воопшто целиот видлив свет.
И сега над јорданските води се јавува Бог, Едниот во Троица: Отецот – во гласот, Синот – во тело, Духот Свет – во вид на гулаб. А што изврши Он во тоа Свое јавување? Тогаш се создава нов свет и се обновува сè што постои, како што читаме во претпразничниот тропар: „Се јави, сакајќи да ја обнови целата твар“, односно, да создаде нов свет, различен од првиот. „Древното помина – вели Светото Писмо – ете, сè стана ново“! Првиот свет по својата природа бил тежок, и не можел да се вознесе кон небесата, па затоа имал потреба од суша, врз која ќе може да застане, како врз основа. А новиот свет, изведен од јорданските води, е толку лесен, што нема потреба од суша, тој не се изградува на земјата, овде не постои град каде може да се пребива. Овој свет го бара горното, од водите е устремен кон отворените небесни Двери над Јордан: „Веднаш излезе од водата, и ете, Му се отворија небесата“. Првиот свет, обременет од животните тегоби, за да го достигне небото би му требала лествица која е утврдена врз земјата и чиј врв би стигнувал до небото. Таа била само созерцувана од Јаков, а самиот тој не се искачил по неа. А за новиот свет е можен восходот на небото и без лествица. Но, на кој начин? Ете, наместо лествица, Духот Божји, во вид на гулаб, лета над водата! И тоа го покажува следново. Човечкиот род, сега веќе не како твар која се влече по земјата, или како животно што ползи, туку како крилеста птица излегува од водата на крштевањето. Затоа и Светиот Дух се појавил при крштевањето над водата како птица, за да ги вознесе на небото без лествица Своите птички, кои ги преродил преку бањата на крштевањето.
Свети Димитриј Ростовски