Луѓето, како разумни и мисловни битија, доаѓаат на светот за да го прославуваат Бога. Единствено тие, од сите разумни созданија се способни да познаат, да величаат и да Му благодарат на Творецот. Гледајќи на созданието, тие Му се восхитуваат на Создателот, и спознавајќи го Неговото величие, кое е неспознатливо и безгранично, тие Му се поклонуваат, Го почитуваат и треперат пред Него.

При тоа, тие се трудат да живеат во вистина и правда, онака како што Му е угодно на Бога, покажувајќи го богопознанието како вистинско сведоштво за богоугодниот живот и благочестието. Бидејќи, оној кој поседува богопознание и Го познава Бога, тој без сомнеж и Го почитува, и Му служи, односно верува и Му се поклонува како на Бог, и при тоа живее благочестиво: „Секој кој греши, не Го видел Бога, ниту пак Го познал“ – вели св. Јован Богослов (1. Јован 3, 6).

И навистина е така. Зашто кој Го познава Бога, природно е и дека Го почитува и дека трепери пред Него; а може ли оној кој трепери и се бои од Него, до таа мера да биде заборавен, па да си допушти на себе да стори нешто небогоугодно, кога при тоа знае дека Бог е секаде присутен и сè гледа?

Секој грешен човек нека биде уверен дека ниту Го видел ниту Го познал Бога, и ако умре во таква темнина и незнаење, подоцна нема да воскресне за ништо друго, освен за вечни маки. Тие се вечни – токму заради тоа, што таму нема да има смрт која би го прекратила ова мачење.

Оној пак, кој Го видел и познал Бога, и со тоа не дозволувајќи си на себе лекомислено и без страв да падне во гревот, тој на овој начин покажува дека не само што се бои од Бога, туку и Го љуби, и ќе премине во другиот живот, со надеж и исчекување на воскресението на мртвите. И потоа ќе воскресне со неизречива радост заради која всушност луѓето и се раѓаат и умираат.

Родените за ваквата радост, ако истата ја презираат и го поминуваат животот во темнина и незнаење на Бога, по воскресението ќе трпат двојно мачење, прво – сеќавајќи се дека биле родени за неискажлива радост, а второ – и дека заради својата лекомисленост, ја презреле радоста и по своја вина неповратно ја изгубиле.

Свети Симеон Нов Богослов