Од срцето мое се излива благ збор; му зборувам на Царот за делата мои; јазикот ми е како трска на брзописец.

Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека.

Препаши го на бедрото мечот Свој, о Силнику: во Својата красота и убавина!

И така украсен, поитај и царствувај заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела.

Изострени се Твоите стрели, о Јунаку, народите ќе паднат пред Тебе – тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.

Твојот престол, Боже, е вечен: жезлото на правдата е жезло на Твоето царство.

Ти ја засака правдата и го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог, Те помаза со елејот на радоста повеќе од Твоите соучесници.

Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од тешка слонова коска, таму ја наоѓаш радоста.

Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно, во облека украсена и со злато проткаена.

Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој.

Зашто Царот ја посака твојата убавина, оти Он е твој Господар и ти тогаш Нему приклони се.

И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе те замолат.

Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;

во везена облека ќе ја доведат кај Царот; по неа при Тебе водат девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе,

ги доведуваат со радост и веселба, влегуваат во Царевиот дворец.

Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја.

Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; и затоа народите ќе Те слават од век до век.

(Псалм 44, 1-17)