Отци и учители, размислувам: Што е пеколот? А пресудувам вака: Пеколот, тоа е бреме и страдање кога веќе не можеш да љубиш.
Еднаш, во бесконечното битисување, кое не може да се измери ни со времето, ни со просторот, на некое духовно битие, кога се појавило на земјата, му била дадена способност да си каже самото на себе: Јас постојам и јас љубам! Еднаш, само еднаш, му бил даден еден миг од жива и дејствителна љубов, и заедно со сето тоа и земен живот, а со него и времиња и рокови.
Па што се случило? Тоа среќно битие го отфрли тој скапоцен дар, неправилно го процени, не го засака, го погледна навредливо и остана без чувства!
И кога такво си заминало од земјата, го видело лоното Авраамово, и беседело со Авраам, како што ни е пренесено во приказната за богатиот и Лазар; го набљудувало рајот, и можело да оди кон Господа; но токму со тоа и се измачувало, оти кај Господа дошло без љубов, и што било допрено од оние кои него го љубеле, а тоа не ја прифатило нивната љубов.
Тогаш сè јасно видело, и си рекло: „Сега имам знаење, ама колку силно и да љубам, во љубовта моја не може да има никаков подвиг, ниту какво било пожртвување, бидејќи е довршен земниот живот; и нема да дојде Авраам макар со капка жива вода да го разлади пламенот на мојот копнеж за љубовта, со која сега горам, а сум ја презрел и одбивал на земјата; не постои повеќе живот, ниту веќе ќе има време! Иако сега би бил готов и својот живот да го дадам за другите, но сега веќе не е можно, бидејќи помина оној живот кој можеше како љубовна жртва да се принесе, а сега постои бездна помеѓу оние кои живеат и ова мое битие“.
Се говори за материјален пеколен пламен. Не ја испитувам оваа тајна, ама размислувам: кога би постоел материјален пламен, навистина од него би можеле тие и да се зарадуваат. Бидејќи, барем така мислам, во материјалното мачење макар и на еден миг би можеле да ја заборават многу пострашната духовна мака. А да се одземе духовната мака, тоа не е можно, бидејќи тоа измачување не е надворешно, туку внатрешно. А кога би можело да се одземе, мислам дека измачуваниот би станал уште понесреќен.
Бидејќи, ако праведниците од рајот, гледајќи ги нивните маки би им простиле и љубејќи ги неизмерно би ги повикале кај себе, со тоа би им ги зголемиле маките, бидејќи уште посилно би го разбудиле во нив пламенот на копнежот за дејствителна и благородна љубов, која сега во стравот на нивното срце е веќе невозможна. Јас мислам дека токму свесноста за таа неможност, најпосле би им послужила како олеснување. Бидејќи, примајќи ја љубовта на праведните, а не можејќи да одговорат на неа, тие во покорност кон љубовта и со дејството на нејзината смиреност, најпосле би ја пронашле како некој образец токму онаа дејствителна љубов која ја занемариле додека биле на земјата.
Жалам, браќа и другари мои, што не умеам ова јасно да го кажам. Но тешко им на оние кои самите себе се уништиле на земјата, тешко на самоубијците! Мислам дека од нив никој не може да биде понесреќен. Грев е, ќе ни се рече, за таквите да му се молиме на Бога; и Црквата наизглед нив ги отфрла, но во длабоката тајност на мојата душа, јас мислам дека би требало, и дека може да се помолиме на Бога и за нив! Па нема Христос да се разлути на љубов! За таквите, јас во себе целиот мој живот сум се молел, а и сега секој ден се молам.
О, ги има оние кои и во пеколот остануваат горди и свирепи, и покрај сето неоспорно знаење и согледување на неотстапната и неизбежна вистина; има и такви страшни, кои сосема се здружиле со сатаната и со неговиот горд дух. За нив пеколот е нешто доброволно и ненаситно; тоа се доброволни маченици. Бидејќи тие самите себе се проколнале, проколнувајќи го и Бога и животот.
Се хранат со својата злобна гордост, исто како кога гладниот во пустината би почнал од телото да ја исцицува својата сопствена крв. Бидувајќи вечно ненаситни, тие и простувањето го одбиваат; Бог Кој ги повикува, тие го проколнуваат. На Живиот Бог не може да гледаат без омраза, и бараат Него да го нема, да си се уништи Бог Самиот Себе и сите Свои творби. Тие вечно ќе горат во огнот на својот гнев, копнеејќи за смрт и небитие. Но сепак, тие нема да ја добијат смртта и исчезнувањето.
Фјодор Достоевски