Задлабочете се со умот, браќа, во работите и гледајте да не бидете невнимателни, бидејќи мало невнимание може да нѐ однесе во голема опасност. Еднаш, посетив еден брат и го најдов во тешка состојба, поради болест.
Од разговорот дознав дека имал треска само седум денови. Но, ете по четириесет денови се уште не можеше да си ја поврати силата.
Гледате браќа, колку маки има оној кој се разболува. Човек вообичаено ги занемарува малите неуредности, не знаејќи, доколку на неговото тело му се случи мала незгода, и особено ако е слаб, дека ќе му бидат потребни поголем напор и време пред да заздрави.
Во овој случај човекот имал седум денови температура; а ете толку долго време страда без да има мир и без да си ја поврати силата.
Исто е и со душата ; човекот прави мал грев, а колку долго време треба да помине, проливајќи крв, за да заздрави!
Постојат повеќе причини за телесни слабости: или лековите се стари и не делуваат, или лекарот е неискусен, или пак пациентот е неуреден и не се држи до советите на лекарот. А, за душата не може да го кажеме истото, дека Лекарот е неискусен и не го дал соодветниот лек. Зашто Христос е Лекарот на душите, и Тој знае се, и го дава вистинскиот лек за болеста.
На пример: против суетата, ја дал заповедта за смирение и понизност; против сладострастие, заповедта на воздржливост; против среброљубие, заповедта на милосрдие. Накратко, секоја болест на душата има заповед која е соодветна за лекување.
Извадок од книгата
Ава Доротеј од Газа