Манасија беше на дванаесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет и пет години.
Тој го вршеше она што не беше угодно пред очите Господови, подражувајќи ги гадостите на народите, кои Господ ги беше прогонил од лицето на синовите Израилеви.
Повторно изгради идолски светилишта, што ги беше урнал неговиот татко Езекија. Им издигна жртвеници на Вааловци, подигна млади шуми и се клањаше и му служеше на сето небеско воинство.
Изгради жртвеници и во домот Господов, за кого Господ беше рекол: „во Ерусалим ќе пребива името Мое вечно“.
Изгради жртвеници на сето небеско воинство во двата трема на Господовиот дом.
Тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Еномовиот син. Гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и повика извикувачи на мртви и волшебници: тој вршеше многу лоши работи пред очите на Господа, за да Го разгневи.
Направи уште и извајан идол и го постави во домот Господов, за кого Бог му беше рекол на Давида и на синот негов Соломона: „во тој дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите колена Израилеви, ќе го положам името Свое засекогаш;
и нема да оставам во иднина ногата Израилева да излезе од таа земја што ја утврдив за татковците нивни, само ако тие се потрудат да го вршат сето она, што сум им го заповедал во целиот закон и во наредбите и заповедите, дадени преку раката Мојсеева“.
Но Манасија ја доведе Јудеја и ерусалимските жители до таму, што почнаа да постапуваат полошо дури и од оние народи што Господ ги истреби од пред лицето на Израилевите синови.
Господ му говореше на Манасија и на луѓето негови, но тие не послушаа.
Затоа Господ против нив ги испрати военоначалниците на асирскиот цар, кои го оковаа Манасија во окови, го врзаа со вериги и го одведоа во Вавилон.
И во таа тешка неволја тој почна да Го моли Господа, својот Бог, и длабоко се смири пред Бога на татковците свои.
Му се помоли Нему, и Бог се приклони кон него, ја слушна молбата негова и го врати во Ерусалим во царството негово. И разбра Манасија дека Господ е Бог.
Потоа тој изгради надворешен ѕид во Давидовиот град, западно од Геон, по долот и до влезот на Рибните порти, и околу Офел, и го издигна високо. Потоа постави војводи по сите утврдени градови во Јудеја,
ги напушти туѓите богови, а идолот од домот Господов и сите идолски светилишта, што ги беше изградил во гората на Господовиот дом и во Ерусалим, ги исфрли надвор од градот.
Го обнови жртвеникот Господов и принесе на него жртви, мирни и благодарствени, и им порача на Јудејците да Му служат на Господа, Бога Израилев.
Втора книга Летописи (гл. 33, 1-16)