Како да се однесуваме кон она што ни го предлага светот на компјутерите? Без сомнение, компјутерот е крајно полезен за човек што размислува, што пишува, што се занимава со научни истражувања. Компјутерот го олеснува и го упростува човековиот труд. Во таа смисла, појавата на компјутерите при крајот на XX век е голем подарок за оние луѓе кои претходно пишувале со рака или на машина за пишување. Компјутерот го поедноставува и го поевтинува пристапот до информациите. Денес веќе не е потребно да се купуваат скапи прирачници и речници: тие може да се најдат на компакт-диск или на интернет.

Но, во светот на компјутерите се кријат и големи опасности за еден христијанин. Делумно, интернетот претставува царство на секакви задоволства, царство во кое на секого му е дадено правото да се искаже, без оглед на неговите морални гледишта. Во интернетот, општо земено, нема никакви ограничувања, освен ако не се комерцијални. Влегувајќи на интернет, човекот станува целосно отворен за секој вид на соблазни: тој може да наиде на такви нешта од кои лесно може да се оскверни. Затоа, влегувајќи во тоа царство, христијанинот треба да биде крајно внимателен, особено трезвен, па на време да ги затвори очите пред она што не треба да го види.

Денес, многумина се занимаваат со компјутерски игри, но тоа е мошне погубна појава. Кон крајот на XX век, во човештвото се насобрале премногу проблеми со кои тоа не успева да се справи: за да се оттргне од тие ситуации, човештвото ја измислило „виртуелната реалност“, во која човек може да се затвори. И на секој човек, кој не може да се справи со проблемите од реалниот живот, му се нуди можност да се нурне во еден виртуелен, илузорен, измислен живот. Компјутерските игри, по својата суштина, малку се разликуваат од алкохолот и од наркотиците – тие исто така нудат чувство на излегување од реалноста. Човек може да биде длабоко несреќен во „реалната реалност“. Истиот тој човек во „виртуелната реалност“ се претвора во успешен борец, кој ги победува своите соперници, во играч кој, една по друга, ги уништува сите цели.

Компјутерските игри се особено опасни за детската психа: тие во детето развиваат животински инстинкти, страст кон насилство и кон убивање. Во повеќето од компјутерските игри човекот, кој седи пред компјутерскиот екран, за сето време убива замислени противници. За разлика од шахот, кој ја развива способноста за логичко размислување, од спортските игри кои придонесуваат за развојот на телото, компјутерските игри не само што со ништо не го збогатуваат и не го развиваат детето, туку обратно, на одреден степен од неговиот развој го извлекуваат од реалниот живот, го вовлекуваат во мошне привлечен, но и во исто време толку погубен и духовно опасен свет на илузии.

Митрополит Иларион Алфеев