Човекот е создаден од Творецот заради вечниот живот, а неговиот земен живот е подготовка за него. Нашата најглавна задача е – да живееме богоугодно и преку Господа Исуса Христа во целост да добиеме блажен живот, кој бил загубен од првосоздадениот Адам. Блажениот живот е плод на Светиот Дух и се состои од љубов, радост, мир, долготрпение, благост, милосрдност, вера, кротост, воздржливост (Гал. 5, 22-23). Тие добрини ни се даваат од Христос Спасителот во Светиот Дух. Само исправниот човек, вистинскиот, кроткиот, добриот, сочувствителниот, сострадателниот, милостивиот, милосрдниот, долготрпеливиот, незлобливиот и човекољубивиот е достоен за Бога. Ние се раѓаме за да ги стекнеме таквите својства на душата и да влеземе во соединување со Бога, да станеме учесници на Неговата светост и да достигнеме полнота на благодатната состојба или обожување. Ние треба да се подвизуваме поради очистување, и тоа преку покајание и смирение, за да ги соединиме сите наши чувства со единиот и преблаг Бог. Тогаш, сè што е божествено го спознаваме одеднаш и го разбираме со гледање, слушање, созерцание и откровение.

Ниту еден човек, ни праведен, ни грешен, сам по себе не може да се спаси. Бог говори: „Кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам“ (2. Мој. 33, 19). Свети пророк Давид, исповедајќи го ова, се обраќа кон Бога: „Господи Боже, Спасителу мој!“ (Псал. 88, 11).

Спасението се состои во станување на учесници на Божјата светост, а давањето на светоста се состои во Божјата волја. За неа се удостоени оние, кои немаат никаква искривеност во помислите и кои ги управуваат своите срца кон Бога. Имено, милоста Божја се состои во дарувањето на светоста, која прави од човекот непријател на секој грев и која го сака само она, кое на Бога му е угодно. За оние, кои творат зло и не творат добро нема спасение сè додека се такви, а оние, кои творат добро, во себе имаат почеток на спасението, но не заради своите дела, туку според Божјата милост. Затоа, секој христијанин треба да размислува за тоа дека се родил и почнал да постои заради постепеното растење со духот, сè додека, според Божјата милост, не достигне свештена и богоподобна состојба на обоженост според благодатта, и сè додека не стане достоен за преселба во небесните населби.

Оние, кои живеат богоугодно и имаат вистинско знаење за Бога, пребиваат во стравопочит пред Бога, па со устите на своето срце, слично на ангелите, Го опеваат Неговото свето Име, и не забораваат дека не треба да го прават она што е неугодно пред Бога. Издигнувајќи се над сетилното, вистинските христијани уште во земниот живот наоѓаат постојана Пасха, односно, преминот од видливото кон невидливото. По земниот живот, ним им претстои вечно насладување со Христа Господа во Бога Отецот и Едносуштниот Дух. Тие секогаш ќе Го созерцуваат Христа и Он секогаш врз нив ќе гледа, пребивајќи и царствувајќи заедно со нив.

Свети Симеон Нов Богослов