Молитвата, постот, бдението и сите други христијански дела се добри самите по себе, но во нив не се состои целта на нашиот христијански живот. Тие служат како неопходни средства за постигнување на таквата цел. Вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух. Постот, бдението, молитвата, милостината, и секое дело направено заради Христа се средства за здобивање на Духот Божји. Запамтете браќа дека само доброто дело направено заради Христа, донесува плодови на Светиот Дух. Она што не се прави заради Христа, макар и да е добро, нема да ни донесе награда во идниот живот, ниту ќе ни даде Божја благодат во овдешниот. Затоа Господ Исус Христос рекол: „Кој не собира со Мене – растура“. Доброто дело не може да се нарече поинаку, освен собирање. Бидејќи и ако не е заради Христа направено, сепак тоа е добро. Светото Писмо говори: „Во секој народ на Господа му е мил оној кој се плаши од Него и кој твори правда“. И како што гледаме од свештената историја, оној кој твори правда, во толкава мера му е мил на Бога, што на капетанот Корнелиј, кој се плашел од Бога и кој творел правда, му се јавил ангел Господов за време на молитвата и му рекол: „Испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон Петар Првоповиканиот… Тој ќе ти каже зборови со кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом“.
И така, Господ ги употребува сите Свои божествени средства за на секој човек да му даде можност во идниот живот да не се лиши од наградата за своите добри дела. Но, за да се случи ова, потребно е овде да се започне со вистинската вера во нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој дошол во светот за да ги спаси грешниците и Кој, со здобивање на благодатта на Светиот Дух, во нашите срца го воведува Царството Божјо и ни го отвора патот кон блаженството на идниот живот. Меѓутоа, тука завршува угодноста Божја за добрите дела кои не се направени заради Христа: нашиот Создател дава средства за нивно остварување. Од човекот зависи дали ќе ги оствари или не. Затоа Господ и им рекол на Евреите: „Кога би биле слепи, не би имале грев; а сега велите: гледаме, па така вашиот грев останува“. Ако човекот, слично на Корнелиј, ја искористи можноста неговото дело кое не е сторено заради Христа воедно да му е угодно на Бога, и ако поверува во Неговиот Син, тогаш и делото од тој вид ќе му се смета како да е сторено заради Христа и заради верата во Него. Во спротивен случај, човекот нема да биде во право ако се жали дека неговото добро дело пропаднало. Ова последново никогаш нема да се случи при правење на било кое добро дело заради Христа. Затоа што доброто дело сторено заради Него, не само што го подготвува венецот на правдата во идниот живот, туку и во овој живот го исполнува човекот со благодатта на Светиот Дух, бидејќи е речено: „Бог, Духот не го дава на мерка. Бидејќи Отецот Го љуби Синот, и сѐ Му дал во Неговите раце“.
Св. Серафим Саровски