Седржителот и Семоќниот, Кој поради Својата добрина создаде сè од небитие, поради изобилството на Својата сила и поради неискажливото и незамисливо богатство на премудроста и благоста, чудесно го сотвори човекот, и на тој начин во едно мало и ситно суштество ја соедини и усредсреди сецелата творба. Токму заради тоа и го создал човекот на самиот крај, за да има во себе нешто и од двата света и да биде украс и на едниот и на другиот, односно и на видливиот и на невидливиот свет. Он, на неискажлив начин ги обединил умот (духот) и чувството (чулото) во човекот, користејќи ги како посредници најприродните врски меѓу нив – имагинацијата, мислењето и разумот.

Создал битие кое воедно е и духовно и видливо, исто како што го поврзал движечкото небо со неподвижната земја и растојанието што се наоѓа меѓу нив, така и на тој начин направил истиот свет да биде и подвижен и неподвижен во исто време. Бидејќи и човекот и светот (вселената) се дело на еден Уметник, и меѓу нив постојат многу сродности.

Тие се надминуваат еден со друг – светот го надминува човекот по величината, а човекот го надминува светот со својата свест. Човекот е богатство во светот, исто како што во некоја прекрасна куќа некој скапоцен предмет е повреден од неговото окружување. Таква е, на пример, гламурозната и драгоцена царска одежда во дворецот: дворецот е соѕидан од огромни камења кои лесно и насекаде се наоѓаат и среќаваат, додека одеждата е направена од ситните каменчиња, кои тешко се пронаоѓаат и кои на сите им се скапоцени.

О, колку е подобар и повреден човечкиот ум од небото! Тој е лик, образ и икона Божја, тој Го познава Бога и, ако сака, тој единствениот од она што е во светот може да стане бог (по благодат), возвишувајќи го во смиреност своето тело! О, колку од земјата се разликува човековото сетилно запазување! Тоа не само што ги уочува нејзините мерки и различните својства, туку со своето знаење допира и до небесните сфери и ги дознава нејзините различни и разновидни движења, како и разните групи на ѕвезди и планети и нивното меѓусебно растојание, и на тој начин се насладува од научното сознание.

Оние кои се наоѓаат помеѓу небото и земјата (т.е. ѕвездите и планетите) по достоинство се помали во однос на она што престојува во границите на умот и чувствата. Тие се исти според начелото на аналогијата, но се разликуваат по обемот што го опфаќаат.

Бог на тој начин ја украсил нашата природа, бидејќи таа ќе стане Негова идна одежда. Во неа требаше да се облече од крвта на Дева, во подобро да ја пресоздаде и да ја постави на височина, повисоко од секое начело и власт, и од секое име што може да се изрече, како во сегашниот, така и во идниот век. Уредувајќи го сето ова однапред, мудро и во исто време човекољубиво, Он ја обдари нашата природа со многу, или поточно, со најразлични дарови. Ни подари двојна, односно повеќекратна моќ за познание. Ни ги даде умот и сетилата, како и оние способности кои се наоѓаат меѓу овие двете, при што секоја од овие способности, што ни беа дадени заради знаење и делување, ги создаде во двоен и повеќекратен облик.

Свети Григориј Палама