„Род еден си заминува, и род друг доаѓа“ (Проп. 1,4). Сонцето изгрева и заоѓа. Времето незадржливо лета. Вековите доаѓаат, заминуваат, и со своите тешки стапки потонуваат во мрачните далечини на минатото. Поколенијата се раѓаат и исчезнуваат, за да не се вратат веќе никогаш на земјата. Луѓето градат домови за себеси, но набрзо засекогаш ги напуштаат и други луѓе се вселуваат во нив. Градови се градат и рушат. Држави се создаваат и пропаѓаат. Сликите на историјата се менуваат. Она што било, повеќе не е. А она што ќе дојде, само Бог знае како ќе биде!
Светот е арена, на која за кратко време личностите се заменуваат една со друга. Нови луѓе се јавуваат на сцената, но наскоро и тие пропаѓаат во мракот, зад кулисите. Некои играат важни улоги во животот, други незначителни, а трети никакви. Некои се истакнуваат на широкото општествено поле и славата им блеска како метеор на небото, за потоа бргу да згасне. Други се забележливи само во тесниот круг на својата служба и среде малкумината пријатели. А за трети, пак, никој ништо не знае.
Многуобразни и шарени судбини! Едни се среќни, а други несреќни. Едни се смеат, а други плачат. Едни се здрави, а други постојано боледуваат. Едни се богати, а други сиромашни. Едни се надарени, а други се обични луѓе. Некои живеат, по човечки кажано, извонредно долг живот, други пак, тукушто родени, набрзина умираат.
Но, од гледиште на сеопфатната вечност, и долгиот и краткиот живот на крајот на краиштата се израмнуваат. Штом настапи смртта, сè изгледа како да не било. Што претставува најчудесната долговечност во однос на необјаснивата вечност? Нели е тоа пред неа, речиси, рамно на најкратко земно постоење? Нели се тоа сите оние моменти кои блеснуваат како искри, и штом ќе изгаснат, веќе не се појавуваат?! Човечките години, кога претстои да се живеат, изгледаат дека се многу на број. Меѓутоа, кога ќе одлетаат, тие се претвораат во брзо исчезнати соништа.
Да ги запрашаме старците – како гледале на животот како момчиња, а како гледаат на него сега, кога снегот на годините ги посипал нивните побелени глави. Тие еднодушно ќе посведочат, дека, додека биле млади, животниот пат што се простирал пред нив им се чинел бесконечен! Така ли гледаат тие на него и сега, кога тој си изминал? Не! Се им се чини како преживеано во сон. Многу од нивните идеали овенале. Тие самите се прашуваат: дали преживеаното од нив било вистина или било сон?
Човекот е ненаситен за животот. Тој сепознат факт ни говори, дека сме создадени не за смрт, туку за вечен живот. Од почетокот ние жеднееме за вечноста. Сите чувствуваме дека смртта е нешто неправилно, која насилнички се вовлекла во човечката судбина. Некако, инстинктивно, се држиме за својот живот како за некоја своја најсакана драгоценост. Нашата жед да живееме се судира со образот на смртта, речиси секој ден. Сè нови и нови мртовци се изнесуваат од домовите. Живите трчаат околу своите покојници за да ги погребаат, додека и тие некој друг ден не паднат мртви, за да бидат погребани кога ќе им дојде редот.
Архимандрит Серафим