Оној што ја бара славата од луѓето која е ништожна, со увереност дека таа вреди нешто, го сака сластољубието со душевна лакомост и алчност, и наситно му се предава на среброљубието.

Тој, преку високото мислење за себеси и преку гордоста, или се претвора во демон, или пак, преку поробувањето од похотата за јадење, пиење и блуд, се уподобува на животните.

Тој, преку ненаситното и нечовечно среброљубие, станува како ѕвер за своите ближни. Според зборовите на Господа, таквите отпаѓаат од верата во Бога затоа што ја бараат и примаат славата еден од друг (Јован 5, 44). Тие се одвраќаат од целомудрието и чистотата, затоа што ненаситно се насладуваат со распалувањето на блудот и се потчинуваат на блудните желби; се оддалечуваат од љубовта, зашто се грижат само за себеси. На ближните кои се несреќни, и кои имаат потреба од нивната помош, тие ништо не им даваат, ниту пак, ги погледнуваат.

Преку сите овие дела тие стануваат како некакво чудовиште, составено од многу противречности; тие се противници и на Бога и на луѓето, но и на животните.

Гневот, желбата и разумната сила на умот, кога се во својата природна состојба и кога дејствуваат согласно со неа, прават човекот да биде божествен и боговиден – секогаш да дејствува сигурно и никако да не отстапува од своите природни граници. Доколку се оттргнува од нивното природно дејство, од она што ѝ е својствено на нивната природа, тогаш човекот, како што е речено, станува некакво чудовиште, составено од многу противречности.

Гневот стои меѓу желбата и разумната сила на душата, служејќи им на обете сили како оружје, без оглед на тоа дали дејствуваат природно или противприродно. Кога желбената и разумната сила на душата дејствува според своите начела, устремувајќи се кон божествените работи, тогаш гневот им служи и на едната и на другата како оружје на правдата против злобната змија, која им потшепнува да вкусат од сластите на телото или им предлага да ѝ се радуваат на човечката слава.

А кога ќе се оддалечат од своето природно движење и ќе се свртат кон противприродното, а и кога својот труд и своите знаења од божествените ќе ги пренесат на човечките работи, тогаш тој им служи на нив како оружје на неправдата, со кои се бори и војува против сè што станува пречка за остварување на неговите похоти и стремежи.

Така човекот, кога дејствува според природата, среде црквата на верните ќе се јави, или ќе дејствува, или ќе созерцува, или ќе богословствува. А кога ќе се сврти кон она што е противприродно, тогаш ќе се појави или како животно, или како ѕвер или како подобен на демон.

Преподобен Никита Ститат