Чујте го доме Јаковов, и сите родови на домот Израилев, Словото Господово!

Вака вели Господ: „каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, и станаа суетни и ја прифатија гордоста;

и не рекоа: „каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската земја и нè водеше по пустината. По земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на сенка смртна, по која никој не одел и во која никој не живеел?“

А кога ве воведов во земја плодородна, за да се храните од плодовите нејзини и од нејзините добра; вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и Мојата сопственост ја направивте гадотија.

Свештениците не рекоа: „каде е Господ?“ И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Мене, и пророците пророкуваа во името на Ваала и одеа по оние, кои не помагаат.

Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам.

Затоа отидете на Хистимските острови и разгледајте, и испратете гласник во Кидар и испитајте сесрдно и погледнете: станувало ли таму нешто слично на ова?

Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше славата своја за она што не е од помош.

Чудете се на тоа, небеса, треперете и згрозете се, вели Господ.

Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода Ме оставија и ископаа извори продупчени, кои не можат да ја додржат водата.

Зарем Израилот е слуга? Или е слуга домородецот? Зошто на овој начин ти постана пленет роб?

Зарикаа против него млади лавови, нададоа викотници и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови се изгорени, и никој повеќе не живее во нив.

И синовите на Мемфис и Тафна те познаа и ти го избричеа темето.

Не ли тоа сам си го направи, оставајќи Ме Мене, твојот Господ Бог, тогаш кога Он те водеше по патот?

И сега, зошто во Египет бараш да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини?

Ќе те казни тебе твоето остапување, и злобата твоја ќе те обезличи: и така, познај и размисли, колку лошо и горчливо е тоа што Ме остави, вели твојот Господ Бог. И не бев спомнуван од тебе, вели Господ, Бог Саваот.

Зашто одамна си го скршил јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: – Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли.

Јас те посадив како благородна лоза, како најчисто семе; па како ти во Мене се претвори во див ластар од туѓа лоза?

Затоа, макар и да се измиеш со сапун и да употребуваш многу пепелница, – твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог.

Како можеш да кажеш: „Јас не се осквернив, и не одев по Ваала?“ Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која потскокнува наоколу?

Кој може да ја додржи дивата ослица навикната на пустината, која со страст во својата душа го вдишува воздухот? Сите што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин тие ќе ја најдат.

Не им дозволувај на нозете свои да бидат боси, и на грлото твое – да се мачи од жед. Но ти рече: „Ништо од тоа не бива, зашто јас ги сакам туѓите и по нив ќе одам.“

Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, – така ќе се посрами и Израилевиот дом: и царевите нивни, и кнезовите нивни, и свештениците нивни и пророците нивни,

бидејќи му велат на дрвото: „ти си мој отец“, а на каменот: „ти ме роди мене“; зашто тие кон Мене со грб се свртеа, а не со лицето; а кога ќе дојде времето на нивното озлобување тие ќе речат: „стани и спаси нè!“

Каде се, пак, твоите богови, што ти си ги направил? Нека станат тие, ако можат да те спасат во време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудејо, толку и богови имаш!

Зошто да се оправдуваш со Мене? Сите вие постапувате нечесно и грешите против Мене, вели Господ.

Напразно ги поразував децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши и вие не се уплашивте.

О роде, чујте го Словото Господово: „Бев ли Јас пустина за Израилот, бев ли земја неплодна? И зошто Мојот народ вели: „ние сами сме си господари, нема повеќе да дојдеме при Тебе?“

Го заборава ли девицата својот украс, а невестата – својот накит? Мојот народ Ме заборави – има веќе безброј дни.

Како лукаво ги насочуваш патиштата свои, за да придобиеш љубов, и поради тоа дури и кон престапи ги нагодуваше твоите патеки.

Дури и по твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; нив не ги затеков во ров, туку при секоја дубрава.

Велиш: „бидејќи сум невина, гневот Негов навистина ќе се одврати од мене.“ – Ете, Јас ќе се судам со тебе, зашто велиш: „не згрешив.“

Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ти исто така ќе бидеш посрамен и од Египет, како што беше посрамен од Асирија;

и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрла твоите надежи, и нема со нив да имаш успех.“

Книга на пророк Јеремија (гл. 2, 4-37)