Црковна делегација предводена од Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков, на празникот Цветници, присуствуваше на Света Божествена Литургија во Храмот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, на островот Имврос (Турција) на која присуствуваше Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј.

Вселенскиот Патријарх г.г Вартоломеј, со благослов на Архиепископот на МПЦ ОА  г.г Стефан и на надлежните митрополити, г. Тимотеј и г. Наум ги ракопроизведе во титула Архимандрити на Вселенскиот Патријаршиски Престол, отец Кирил и отец Анатолиј, и со титула Протоопрезвитери (протојереи- ставрофори) на Вселенскиот Патријаршиски Престол беа ракопроизведени отците Бобан Митевски од Скопската епархија, Александар Димовски од Дебарско-кичевската епархија и Симеон Кантурски од Струмичката епархија, додека со истото достоинство беа почестени и веќе ракопроизведените протојереи: Никола Христоски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и отците Димче Ѓорѓиевски и Кирил Јовановски од истата епархија.

„Денеска во нашето село, во нашево место, во Имврос, имаме одбрани посетители, браќа од странство, од Охридската Архиепископија, од Република Северна Македонија. Дојдоа, за да ја принесат својата почит кон Светата Велика Христова Црква, во лицето на Вселенскиот Патријарх; Црква, која како вистинска Мајка, го прегрна и тој народ и таа Црква, која речиси седумдесет години беше отсечена од телото на останатото Православие, без општење со другите православни Цркви. И дојде повторно Вселенската Патријаршија, како што направи и во којзнае колку соодветни случаи низ историјата, за да го востанови општењето со овие наши браќа и сестри, Христијаните од Северна Македонија, да ги воведе во заедништво со останатиот православен свет. Тоа се случи минатата година, на 9 мај 2022 година. Потоа, по Вселенската Патријаршија, и други Цркви започнаа да ја признаваат нивната каноничност, да ги примаат во општење со нив. И сега, се наоѓаме во стадиум на подготовка на доделувањето и на оваа Црква, под одредени услови, на статусот на автокефалија. Се наоѓаме на добар пат, разговорите продолжуваат. Најглавното беше тоа што возмогнавме и служувавме заедно и се пречисетивме од истиот свет Путир. И тоа се случи минатата година, на големиот празник на Педесетницата, кога Архиепископот Охридски г. Стефан, многувозљубениот брат, дојде од Скопје во Вселенската Патријаршија и служевме заедно и се причестивме заедно и заедно го дадовме својот благослов на народот Божји. Тоа беше еден велик и историски ден. Сега, останатите работи се второстепени, подробности. Повторувам: најглавното е тоа што застанавме околу светата Трпеза на Сечесниот Патријаршиски Храм и се причестивме со пречистите Тајни, објавувајќи го на тој начин единството на верата во врската на љубовта.

Денеска го имаме со нас Преосвештениот Епископ г. Јаков, викарен епископ на Митрополитот г. Наум – еден друг возљубен брат, кој монахуваше на Света Гора и ги восприми соковите на светогорското предание и ги пренесе во својата татковина, Северна Македонија. Заедно со братот Јаков, тука се и архимандритите и протопрезвитерите коишто денска беа почестени од Мајката – Великата Христова Црква и ќе се вратат во својата земја како крстоносители, духовни херои, многусакани чеда на Великата Христова Црква и ќе ја пренесат таму пораката на нежноста и на љубовта со која Вселенската Патријаршија ги прегнува и тие тамошни браќа и сестри, и покрај разните искривувања што, за жал, се слушаат од други сестрински Цркви, коишто не го почитуваат канонскиот поредок, не го почитуваат православното Предание и се обидуваат да воведат штетни новотарии во православната еклисиологија и во православното канонско право. Но, жив е Бог Господ!

Браќа, сестри и чеда, имвријци и не имвријци, имвријци и пријатели на Имврос, посетители, од срце ви посакувам добра Пасха, добро Воскресение!“, рече, меѓудругото во своето обраќање, Вселенскиот Патријарх.

Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков посочи дека денешното одликување е впрочем признание за сите генерации свештеници и отци коишто, како што истакна Владиката, ја чуваа чистотата на верата апостолска и светоотечка во Охридската Архиепископија.

„Ваша Сесветост, браќа архијереји и благословен народе Божји,

Јас стапнав утрово на овој остров, Ваша Сесветост, без да знам што и да е за него. Сега кога гледам колку овој остров е сраснат со Вашето битие и она што Вие го чувствувате за него во Вашето срце и преку благодатта на Светиот Дух којашто ја оживотворува Црквата, се направи и јас да го почувствувам тоа. Затоа и ми е особено драго и Ви благодарам што Вашата Сесветост нè прими токму тука. Секако дека има и други нешта да се кажат, но она што јас го чувствувам силно и за што Му благодарам на Бога денес е тоа што гледам дека и покрај сè, верата на апостолите и на светите отци наши се чува автентична, чиста и неизвалкана.

Нема да должам – Ви го пренесувам поздравот од нашиот Блаженејши Архиепископ Стефан и на сите други епископи на нашата света Охридска Архиепископија, коишто Вашето срце многу добро ги знае, а коишто имаат нераскинлива врска со Светата Гора – Атонска, којашто е под Ваша духовна и молитвена закрила. Се молиме Бог да Ве укрепи во Вашиот подвиг, на сите да им станете сè и да се надминат веќе сите поделби и во сè да биде Христос. Ви благодарам и во име на отците за овие одликувања. Впрочем, не ги одликувате само нив денес, туку и сите генерации на свештеници и на отци коишто ја чуваа чистотата на верата апостолска и светоотечка во Охридската Архиепископија. Се надеваме на Вашите свети молитви, а Вие сте веќе во нашите секојдневно“, рече Владиката г.Јаков.