Ова однесување се должи на заробеноста на срцето од страстите, на поистоветувањето со овосветските облици на човечко здружување (држава, нација) – наместо пастирскиот пристап кон истите, па сѐ до насладата со, како и зависноста од овој свет и неговите минливи убавини.
Причината е, најјасно кажано, нашата желба за „царство овоземно“ наместо Царство Небесно. Нели го забележуваме внатре во нас тоа суптилно тежнеење, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „земно царство“ за задоволување на нашите страсти – и тоа по наша мерка.
Следствено, причина е и што нашата безбедност, односно задоволувањето на животните потреби го темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него. На пример, кога нашата сигурност првенствено и суштински ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови самочовечко, овосветско – најчесто политичко-бизнис групирање.
Нели забележуваме дека колку повеќе се трудиме, толку повеќе тоа „земно царство“ е сѐ подалеку и подалеку од нас? И нели забележуваме дека ќе треба веќе еднаш да одлучиме на кое царство ќе бидеме слуги – на земното или на Царството Небесно и неговата реалност? Оти на двајца господари не можеме да им служиме – не можеме да Му служиме и на Бог и на ѓаволот.
Црквата Христова и нејзините верни служители не проповедаат и не нѐ подготвуваат за „царство земно“, туку за Царство Небесно – за Царството на благодатта на Светиот Дух.
Во тоа Царство Небесно, кое е, пред сѐ, внатре во нас, се влегува на два начина: или преку волев подвиг на очистување на срцето од страстите – кога Божјата благодат на Крштението ни го покажува местото на срцето каде што нашиот ум треба аскетски, а потоа и благодатно да се соедини со својата суштина и преку неа со Бог; или преку трпение – со благодарност за неволните страдања што Божјата промисла ги допушта во нашиот живот заради наше спасение.
Оние што преку доброволни подвизи или мачеништво ќе влезат преку своето очистено срце во Царството Небесно – внатре во себе, преминуваат од смрт во живот – уште сега, и на Суд нема да излезат. Тие се и слугите коишто ќе Го одбранат Христос, сведочејќи Го во сила.
Митрополит Струмички Наум