Еднаш, многу одамна, имало еден многу силен дрвосечач, кој добил работа кај некој богат трговец со дрва. Платата била навистина добра, како и условите за работа. Поради оваа причина, дрвосечачот бил решен да даде сè од себе. Началникот му ја дал секирата и му го покажал местото каде што требало да се работи.

Првиот ден, дрвосечачот донел 18 исечени дрвја. „Честитки“ – рекол началникот – „продолжи на истиот начин!“.

Силно мотивиран од зборовите на својот шеф, дрвосечачот вложил уште поголеми напори во следниот ден, но успеал да исече само 15 дрвја. Третиот ден вложил уште повеќе усилби, но успеал да исече само 10 дрвја. Од ден на ден почнал да извлекува сè помалку дрвја.

„Веројатно ја губам силата“ – си помислил дрвосечачот. Отишол кај началникот и се извинил, велејќи дека не разбира што всушност се случува.

„Кога последен пат си ја наостри секирата?“ – прашал началникот.

„Да ја наострам? Немав време за тоа. Бев многу зафатен со сечење на дрвјата… Абрахам Линколн често велел дека „ако му дадеш осум часа за да го исече дрвото, тој ќе одвои шест од нив за да ја остри секирата“.

Во периодот на Божиќниот пост, одвојуваме време да ги подготвиме нашите срца и души, за да може Христос да се роди во нив. Дел од оваа подготовка треба да ја вклучи Светата тајна исповед, а ако се држиме до приложенава приказна, треба да ги наостриме и нашите духовни секири. Ова подразбира правилна подготовка за учество во Таинствата.

Посланието на свети апостол Павле до Колосјаните, кое се чита секоја година две недели пред Божиќ, нуди едноставни упатства за оваа подготовка. Апостол Павле нè потсетува: „Затоа, умртвете ги своите земни членови, односно вашите пороци: блудот, нечистотијата, сласта, лошата желба и лакомоството, што е идолопоклонство“ (Колос. 3, 5).

Тој продолжува со: „Лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од устата; не лажете се еден со друг“ (Колос. 3, 8-9). Св. Павле завршува со потсетување на причината поради која бараме да бидеме ослободени од гревот. Така е, зашто го соблековме стариот човек и неговите дела и го облековме новиот: „Кој се облекува во познанието, според образот на својот Создател“ (Колос 3, 10).

Конечно, да разгледаме уште една вообичаена претстава. Многумина од нас (ако не и сите), во одреден момент од животот сме одвоиле време – во овој период од годината – да побрзаме во дивината за да исечеме елка или бор. Одвојуваме време да се подготвиме и за оваа работа – да се увериме дека сме доволно топло облечени, дека сме ја наостриле секирата и дури тогаш се препуштаме на внимателен избор на соодветното дрво. Тогаш, и само тогаш, почнуваме внимателно да го сечеме.

Што правиме кога ќе го донесеме ова дрво дома? Општо земено, не го оставаме само и неукрасено во дневната соба. Еден од најважните чекори во покајанието (откако ќе ја испитаме нашата совест и ќе ги исповедаме своите гревови) е, со Божја помош, да ги украсиме нашите покајни души, откако ќе ги поставиме добродетелите на местата каде што некогаш живееле нашите гревови.

Браќа и сестри, додека ги правиме последните подготовки за појавата на нашиот Спасител во тело, да одвоиме време да ги изостриме нашите духовни секири, да го исечеме дрвото на гревот и да ги украсиме нашите души во добродетелниот живот на Исуса Христа.

Извор: http://acrod.org