Што значи: да го устроиме нашето спасение! Имено, меѓу сè што набљудуваме во космичкото постоење, да го избереме она што Му е благоугодно на Бога – да се отплеткаме од она што е против Него! Тогаш, го гледаме нашиот живот како лека-полека се менува. Меѓутоа, да бидеме трпеливи. Бог сигурно може да нè посети, и во еден момент да ни ги отвори очите за вечноста. Но, воопшто, ова прашање е многу старо, и нема никаква врска со сето она, што може да го создаде мечтаењето. Читајте го свети Силуан! Ќе видите дека неговата состојба, секогаш беше во Бога. Ќе го разберете неговото слово, кое вели дека на светителите не им поминува ниту една секунда без молитва.

Како да ги разликуваме помислите што доаѓаат од надвор, од оние што се родени во нашето срце? Во повеќето случаи, навлегувањето на демонската енергија е толку суптилно, што ја сметаме за дел од себеси. Учењето што го наследивме од нашите отци ни помага, но не е доволно. Неподносливоста и немирот што ги предизвикува некоја помисла во нашето срце, е знак дека е испратена од непријателот. Ова, главно, важи за хулните помисли. Ако не чувствуваме радост и задоволство од помислата што ја имаме во нашето срце, значи дека таа не е од Бога, туку е од непријателот што навлегува во нас!

Не е лесно да го разликуваме она што се раѓа во нашето срце под влијание на демонот. До ова некој стигнува постепено, преку подвиг, со борба против страстите, што ние, чедата на Адам, ги носиме во нас. Така, лека-полека почнуваме да расудуваме, да чувствуваме дека таквата помисла, таквото движење на душата, не произлегува од Бога, туку од непријателот. Таквата состојба не настанува со размислување, туку со чувство, со непосредно претчувство, исклучително истенчено и способно за разликување, што секогаш е резултат на повеќегодишен макотрпен подвиг. Според свети Исак и според нашиот отец Силуан, расудувањето исто така зависи и од начинот како Светиот Дух дејствува во нашето срце, од опитот на благодатта и од опитот на демонските напади што ни се случуваат. Намалувањето или губењето на благодатта е знак, дека помислата доаѓа од непријателот. Спротивно, помислата доаѓа од Бога, од ангелот или од Самиот Свет Дух тогаш, кога нè исполнува со радост и ни дава посебен мир.

Најдобро е да не им придаваме значење на помислите, туку да се вдлабочиме во молитвата, да разговараме со Бога низ молитвата.

Постојат различни начини преку кои можеме да им се спротивставиме на лошите помисли, да го ослободиме нашиот дух од секоја страсна или хулна помисла. Првиот, што го препорачуваат отците на Црквата, е покајанието. Вториот е да го насочиме вниманието на нашето битие на нешто друго. Кога нашата сосредоточеност кон Вистината е истрајна, непријателот престанува да биде заинтересиран и нè напушта.

Ако страстите се силни и ако некоја страшна, жестока, грешна помисла не сака да нè напушти, не ни останува ништо друго, освен да се бориме плачејќи, толку долго време колку што злобниот дух настојува.

Нашиот разум се наоѓа во постојана борба со умот на непријателот. За да го устроиме нашиот живот, неопходен е цврст став за постојана борба. Зашто, ако заспиеме, му се препуштаме на непријателот што никогаш не спие да си ја врши својата работа, така што се наоѓаме во опасност да го изгубиме нашето спасение.

Трезвеност! Со неа треба да започне нашиот подвиг, така што, доколку воопшто е возможно, ништо да не бидува без Бога!

Светот што денес нè опкружува, живее подинамично отколку порано. Но, колку што постои повеќе движење во светот, толку е потешко да ја зачуваме христијанската совест. Нападнати сме од секаде преку вратите на чувствата, така што е разбранувана површината на нашиот живот. Низ бурите на нашата епоха е соодветно постојано бдеење. Најпрвин, ова го барам од вас: слушајте го словото на Евангелието, бдејте и престанете да си играте!

Старец Софрониј Сахаров