Да почнеме да се ослободуваме од приврзаноста кон земните блага. Да ги презреме и имотот и парите, како и сето она што ја измачува нашата душа и нашата мисла. За време на големите бури, ако оние што пловат по морето не водат сметка за товарот што е на нивниот кораб и со своите раце ги исфрлаат најдрагоцените свои работи, покажувајќи со тоа дека својот живот го ценат повеќе од сè друго, тогаш зошто ние не го правиме истото: зошто заради вечниот и блажен живот не земеме и не отфрлиме сè што ја влече нашата душа во бездната на вечната пропаст?

Зошто ние немаме силен страв од Бога, каков што морепловците имаат од разбеснетото море?

Тие, поради љубовта кон својот земен живот, не ценат ништо од она што е натоварено на нивниот кораб, а ние, кои велиме дека не го сакаме земниот живот, не можеме да се лишиме и од најбезначајните работи; па повеќе сакаме да умреме со вечна смрт, отколку да останеме без нив.

Затоа, ве молам, браќа, да се откажеме од сè. Борците не влегуваат во борба облечени. Правилата за борба им наложуваат да бидат речиси голи. Без оглед на тоа дали времето е студено или топло, тие излегуваат на борилиштето голи, а облеката ја оставаат надвор од него. Ако некој од нив откаже да си ја соблече облеката своја, тој бидува отстранет од натпреварувањето. А ние, и откако сме дале завет дека ќе се подвизуваме, не само што не се откажуваме од облеката (имотот), туку и други илјадници работи носиме на нашиот грб и така ја започнуваме борбата со нашиот духовен противник, а токму тоа е она што нему му дава можност да нè победува.

Преподобен Нил Синајски