Во условите на современиот свет молитвата бара надчовечка смелост, бидејќи ѝ се противат севкупните космички енергии. Да се сочува молитвата нерасеана е победа на сите нивоа од природното постоење. Овој пат е долг и трнлив, но доаѓа еден момент кога зрак од божествената светлина ја засекува густата темнина и пред нас се создава отвор низ кој Го гледаме Изворот на таа светлина. Тогаш, Исусовата молитва добива космички и мета-космички димензии.

„Вежбај се во побожноста. Зашто телесната обука е малку корисна, а побожноста е полезна за сè, бидејќи во себе чува ветувања за сегашниот и за идниот живот. Тие зборови се верни и достојни за секакво примање. Затоа и се трудиме и укори трпиме, оти се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на верните. Ова проповедај го и за ова поучувај!“ (1. Тим. 4, 7-11). Да се следи ова учење на апостолот значи да се оди по најсигурниот пат кон Оној што Го бараме. Ние не мислиме дека со вештачки средства ќе се достигне обожението. Ние веруваме дека Бог дојде на Земјата и ни ја откри тајната на гревот, и ни даде благодат за покајание. И затоа се молиме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, со надеж за простување и помирување во Негово Име. Преку зборовите „помилуј ме грешниот“ – ние не го напуштаме целиот наш живот. Потполната победа над гревот е возможна само преку вселување на Самиот Бог во нас, што го претставува нашето обожение. Ние се стекнуваме со сила која ни овозможува непосредно созерцание на Бога „Онаков Каков што Он е“.

Полнотата на христијанското совршенство во границите на Земјата е недостижно. Свети Јован Богослов пишува вака: „Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави“ (Јн. 1, 18). И понатаму тврди дека нашето обожение се довршува во идниот век, затоа што „ќе Го видиме Него, Каков што е. И секој, што ја има таа надеж, се очистува самиот себе, како што е чист и Он… секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, ниту пак  Го познал.“ (1. Јн. 3, 2-6). Полезно е да се прифати содржината на ова послание, за призивот на Исусовото Име да стане делотворно и спасително; за да „преминеме од смрт во живот” (1. Јн. 3, 14), за да се „облечеме во сила одозгора“ (Лк. 24, 49).

Творењето на оваа молитва е најтесно поврзана со богословието на Божјото Име. Таа има длабоки догматски корени, како што има и целокупниот аскетски живот на православните кој хармонично го придружува догматското сознание. Таа молитва навистина во некои од своите форми станува оган, кој ги проголтува страстите (Евр. 12, 27). Во неа се содржи божествена сила која ги оживува умртвените од гревовите; со светлината го просветлува умот, дарувајќи му способност да ги види силите кои дејствуваат во „космосот“; таа овозможува да набљудуваме што се случува внатре во нашето срце и во нашиот ум; таа навлегува до местото каде се разделуваат душата и духот, до зглобовите и до мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето (Евр. 4, 12).

Старец Софрониј Сахаров