Не настојувај да добиеш или да постигнеш било какви духовни дарови, бидејќи таа желба е неправилна и погубна, но труди се, колку што можеш повеќе, да се сочуваш себеси во длабоко смиреномудрие, а останатото предај го на Божјата волја. Ние не сме во состојба да знаеме дали ќе ни биде полезно било кој дар и да го добиеме.

И уште нешто ќе ти кажам: неразумното дете бара нож од својот татко, но татко му не му го дава, бидејќи знае, дека детето, по својата неразумност, може да се пресече. Брате мој, сето твое внимание нека биде свртено кон тоа, да се согледаш себеси, како што впрочем и пишува св. Исак Сириски: „Оној, кој се удостоил да се согледа самиот себе, е поголем од оној, кој се удостоил да гледа ангели“ (Слово 41, ст. 198).

Да се согледаш себе – тоа значи да осознаеш дека си голем грешник, кој се смета себеси за полош од секого на овој свет. Тоа значи, да ги видиш своите гревови, кои се налик на морскиот песок, и воедно да се сметаш за недостоен дури и да чекориш по земјата.

Човечкото срце е како огледало, како чисто стакло. Ако тоа е чисто од страстите и пороците, тогаш истата таа чистота ќе ја гледа во секој човек и никого нема да го осудува или негира. Затоа е потребно да се молиме на Господа Бога, за да ни даде да ги гледаме своите прегрешенија и да не го осудуваме својот брат. Колку ли само е голем тој грев на осудување на ближните и колку голема штета и пречка тој претставува за нашето спасение?! Токму заради тоа нашиот Спасител Исус Христос рекол во Светото Евангелие: Не судете, за да не бидете судени, бидејќи со каков суд судите, со таков и ќе ви биде судено (Мт. 7, 1-2).

Ако срцето е нечисто и осквернето со страсти и пороци, тогаш истата таа нечистотија тоа ќе ја гледа во секој човек, и сѐ што е лошо ќе забележува и во сѐ ќе се сомнева.

Старец Александар Затворник