Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Јас на моето тело ги носам раните на мојот Бог. Исус – тоа е натписот, што врз себе го носи секој монах. Овие зборови од посланието на апостол Павле до Галатјаните ги слушавме и вчера и денес. Што значи тоа – да ги носиш на себе раните Христови? Да се носат раните Исусови, тоа е основната дејност на сите крстени. Во монаштвото е само истакната оваа општохристијанска природна состојба.

Ние сме повикани да ги носиме Исусовите рани. Да се носат раните – значи да се приопштиме кон невините страдања. Какво прекрасно дело се разоткрива пред нас во секојдневниот живот: да се победува злото, невино страдајќи од него и радувајќи се на тоа.

Ако ние, од сето срце, сакаме да ја исполниме заповедта на животот, дадена од  Самиот Бог, тогаш ќе мора со радост да ги поднесуваме сите страдања и невини неволји од нашите блиски и од околностите во животот. Зашто, ако подразмислиме за етичкиот закон, тогаш ќе сфатиме дека евангелското поведение вистински може да ни докаже дека сме навистина христијани.

Ние мошне често грешиме, прифаќајќи ја како христијанска оваа или онаа паганска заповед за моралот. Ние, на пример, често си мислиме дека е пофално да се љубат оние кои нас нѐ љубат, макар што апостолот ни кажува трезвено, оти да се љубат оние кои нас нѐ љубат – нема никаква полза за христијанинот, зашто и јазичниците го чинат истото, т.е. ги љубат само оние, кои нив ги љубат. Ете, ако си христијанин, тогаш тоа веднаш ќе се забележи, т.е. од тоа што ќе бидеш способен да ги љубиш и оние што те мразат, или во крајна мера, човекот кој е рамнодушен кон тебе, да го љубиш со Христовата љубов, да го љубиш без корист, туку едноставно, како сонцето што е образ на Бога и што ги љуби сите луѓе подеднакво, па им свети и на злите и на добрите.

Сосема прецизно може да се рече, дека човекот кој е способен да биде христијанин љубејќи ги оние кои не го љубат него, е способен и во нешто друго да биде христијанин. Имено во тоа, за што сега пишува свети апостол Павле – способен е да ги носи раните Исусови, невино да страда, искупувајќи ја преку невиното страдање и вината на оние луѓе – браќа, кои ги предизвикуваат тие страдања или навреди. Да го слушнеме зборот на свети апостол Петар: „Возљубени – вели апостолот – од огненото искушение што ви е испратено за испитување, не плашете се како од страшно доживување. Но, бидејќи учествувате во Христовите страдања, зарадувајте се од појавата на Неговата слава и ќе победите. Ако ве злословат заради името Христово тогаш вие сте блажени, зашто Духот на славата, Духот Божји лежи во вас. Од оние Он е хулен, а од вас е прославуван. Само да не пострада некој од вас како убиец, или крадец, или злосторник, или како оној кој посега по туѓото, а ако е – како христијанин, тогаш не срамете се, туку славете Го Бога за таквата судбина“.

Ете што значи да се носат Исусовите рани – да се страда за вистината, за доброто, да се страда без вина, да се страда како што страдаше Исус.

Ете каде се препознаваат вистинските христијани: во љубовта кон оние кои не ги љубат и во страдањата без вина.

Секоја, па и најниската етика е присутна и кај незнабожците, и кај неверниците. Да Го познаеме Христа и да се радуваме чувствувајќи ја Божјата благодат. Со тоа ние само ја достигнуваме височината на духот преку љубовта кон луѓето кои не нѐ љубат, и преку радосното трпение на невините обвинувања, прекори и страдања. Во тоа е сета суштина на христијанството. И овде, ние веќе го чувствуваме воздухот на оностраниот прекрасен свет.

„Молете се за оние кои ве навредуваат, благословувајте ги оние кои ве проколнуваат, благословувајте ги и не проколнувајте“ – рече Христос. А апостолите појаснија дека небесниот благослов ќе го наследи само оној кој благословува, додека оној кој проколнува, го раѓа вечното проклетство за самиот себе и може да се спаси само со благослов од братот. Многумина ги нарекуваат „високи“ овие Христови заповеди, за кои сега говорам. Но подобро е тие да се наречат обични заповеди. Зашто сето тоа е едноставно, бидејќи зависи од самиот човек, од мене, од мојата љубов кон Христа, од мојата вера во Христа. Оној четирикрак символ што секој монах го носи на себе, е видлив знак на она невидливото што го носите сите вие, крстени со христијанското крштевање.

Крштевањето е ветување дека на своето тело ќе се носат сите заповеди и сите рани Христови, и во исто време, тоа е пружање на небесна помош за лесно извршување на тоа ветување.

Св. Јован Шангајски