Христос ни донесе учење од височините за да се издигне нашата мисла кон небото та и ние, според нашите сили, да се угледаме на својот Учител. Како можеме да станеме следбеници Христови? Одговорот е: тогаш, кога работиме сите за општото добро и никој не го бара своето! Зашто за Христа е речено: „Оти и Христос не угоди на Себеси, напишано е: Хулењата на оние што Те хулеа, паѓаа врз Мене“ (Рим. 15, 3). Никој да не го бара своето, а секогаш да го има предвид и она на ближните, зашто тоа што е наше е и нивно! Да не бидеме еден кон друг, во нашите односи, како разделени! Ниту еден нека не зборува: никој не ми е пријател, не ми е роднина, не ми е ближен – во мене нема ништо заедничко со него, како да се доближам до него? Ако тој не ти е роднина, ниту другар, сепак тој е човек: има иста природа со тебе, еден и ист Господар; сожител ти е во еден и ист свет! Ако ли, пак, има и иста со тебе вера, тој ти е и член: зашто кое пријателство може да вроди такво соединување, како сродството по вера? Ние сме должни да пројавиме не таква блискост каква суштествува помеѓу другар и пријатели, туку соединение какво царува помеѓу член и членови во едно тело.

Преку еден Дух сме крстени сите во едно тело (1. Кор. 12, 13). Зошто во едно тело? За да не се разделуваме и, по взаемна согласност и другарство, да го запазиме единството на целото тело. И така: да не се презираме еден со друг, за да не се занемариме самите себе, оти е речено: „Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува“ (Ефес. 5, 29). Затоа и Бог ни дал на сите еден дом: а тоа е целиот свет, откако сѐ разделил во него за сите подеднакво! За сите запалил едно сонце; распрострел еден покрив – небото; устроил една трпеза – земјата; дал и друга трпеза, поважна од првата, но пак е една; ни дарувал на сите еден духовен начин на раѓање; ни определил една општа татковина на небото; ни дал да пиеме од една општа чаша на животот! На богатиот, Он не му дал ништо повеќе и поскапоцено – Творецот на сите ни дал едни и исти духовни, телесни и земни блага! Меѓутоа, од каде е таа нееднаквост во животот? Од среброљубието и високомнението на богатите! Браќа, ова нека не ви биде за поука, зашто во нас има нешто општо и неопходно, нешто што нѐ обединува во едно: затоа, да не се делиме за земни и ништожни работи – било за богатство, било по беда, било во телесно ропство, било за омраза, било за пријателство! Сето ова е сенка – која е далеку поништожна од сенката на оние кои се сврзани срдечно преку врските на вишата љубов. Да ги сочуваме тие врски ненарушени – тогаш никаков лош дух не може да проникне во нас и ништо не може да го раскине соединувањето на нашите срца!

Св. Јован Златоуст