Како што човек кој сака да го види Бога, Кој е невидлив по природа и Кој никако не може да се види, може да Го спознае и да го сфати по Неговите дела, така и човекот што со својот ум не го гледа Христос, нека Го познае по делата, кои Он во тело ги беше направил; и нека испита дали тоа се дела човечки или, пак, дела Божји.

Па ако се тоа дела човечки, тогаш нека се потсмева; но ако не се човечки, туку се покаже дека се Божји, нека не се потсмева на она што не е за потсмев, туку подобро нека се восхитува, бидејќи преку овие едноставни работи ни се откри Божеството, бидејќи преку смртта дојде бесмртноста за сите и бидејќи преку Воплотувањето на Логосот на сите им се откри промислата и нејзиниот Давател и Создател – Логосот Божји. Зашто, Тој стана човек за да можеме ние да се обожиме; Тој се откри во тело, за да го примиме познанието на невидливиот Отец; и Он претрпе навреди од луѓето, за ние да ја наследиме бесмртноста.

Се разбира, Он преку тоа не претрпи никаква штета, зашто Тој е бестрасен и нераспадлив и Самологос и Бог. Но, со Својата бестрасност Он ги одржа и ги спаси страдалните луѓе, од кои сето тоа го претрпе. И воопшто, сите дела што Спасителот ги направи со Своето вочовечување, се толку многубројни и големи што ако некој би посакал да ги раскаже, би бил налик на оние кои гледаат во отворено море и сакаат да ги избројат неговите бранови.

Според тоа, како што набљудувачот не може со свои очи да ги опфати сите бранови, бидејќи одново новите и новите што доаѓаат ја надминуваат неговата моќ на запазување, така и оној кој сака да ги наброи сите дела што Христос ги направил додека беше во тело, не може ниту со умот да ги опфати; затоа што, иако он мисли дека сите дела ги зел предвид, сепак има премногу од оние што неговиот ум го надминуваат.

Затоа, оној што ја набљудува целината, подобро е за неа ништо да не говори, бидејќи ниту еден дел од таа целина не може правилно да се искаже; и тој нека зборува само за еден дел, а на тебе нека ти препушти да се восхитуваш на целината. Бидејќи во секој поединечен дел е подеднакво присутно чудото, и каде и да погледне човек, ќе го види Божеството на Логосот и ќе се восхити и зачуди.

Свети Атанасиј Велики