А вистинскиот живот, браќа мои, е во тоа да го отфрлиме гнилежното и да пребиваме во она што доаѓа од нашиот Искупител. Особено денеска, времето бара од нас да сведочиме не само со зборови, туку и со дела да се уподобуваме на светиите. Ние се уподобуваме на нив кога Го исповедаме Оној Кој претрпе смрт; кога веќе не живееме за себе, туку кога Христос живее во нас, кога со сета своја сила се трудиме на Господа да Му возвратиме за Неговите добродетели.
Кога на Господа Му возвраќаме, не даваме ништо што е наше, туку исклучиво она што од Него претходно веќе го примивме. И токму она што Самиот Господ нам претходно ни го дарувал, го бара потоа од нас како наше. Без сомнение, ова претставува доказ за Неговото милосрдие.
За ова и Самиот Тој сведочи, велејќи: жртвите што на Мене ги принесувате се Мои дарови, т.е. она што го принесувате, ви припаѓа само толку колку ви е дадено, бидејќи од Мене претходно сте го примиле.
А даровите Божји се следни: совршена добродетел и вистински трепетен страв пред Него, што пак сме должни да ги принесеме на Господа како жртва. Должни сме, во побожност пребивајќи, Него да Го прославуваме, токму со она што Тој нам ни го дарува за наше осветување.
Свети Атанасиј Велики