Знаел ли самиот Јуда дека носи таква змија во своето срце, што на крајот ќе го погуби? Според обичајот на нашиот непријател, сатаната ги крие синџирите со кои го врзува грешникот. Тој секогаш со необични „добрини“ ја скрива главната страст од сознанието, па дури и од совеста, и само кога размислува за конечно погубување на човекот, тој ја пушта за таа да го нападне со сета своја необуздана јарост. Судејќи според ова, може да се заклучи дека Јуда не го видел сето безобразие на својата страст и се сметал себеси за нималку полош од другите апостоли. И токму затоа пропаднал без да го предвиди ова.
Сеќавајќи се на ова, браќа, да се свртиме кон себеси и да направиме строго проучување на најскриените движења на нашето срце, без да гледаме во нашата беспоговорна надворешност. Да погледнеме во нашата внатрешност, колку лошо се крие во нас? А во меѓувреме, којзнае, можеби околу нашето срце е обвиткана некаква змија, која е подготвена да нè уништи – таа ќе нè погуби, откако за тоа ќе се укаже прилика.
Ќе ве потсетам на една мисла на свети Макариј Египетски, кој вели: немојте да се фалите со некакви дела или подвизи. Но, ако си навлегол во самите длабочини на твоето срце и си ја убил змијата што таму е вгнездена, и која ги труе сите пројави во твојот живот, тогаш заблагодари му на Господа. Свети Макариј го подразбирал или гревот кој живее во нас, или пак главната страст, која секој ја поседува и во која гревот се преобразува. Еве на што треба да обрнеме посебно внимание при претстојното самоиспитување и исповед. Најпрво треба да ја бараме нашата главна страст. Неа да ја разоткриеме и неа надвор да ја исфрлиме.
Друг свет отец вели: Господ не бара од тебе да постиш, ако притоа страдаш од себичност. Дајте Му ја простотата на милосрдната великодушност. Господ не бара од тебе големи и славни дела, ако ти си заразен со суета. Дајте Му понизност и смирение. Така е и во сè останато. Господ сака да се укориме и да ветиме дека ќе ја победиме во себе онаа страст што најмногу нè совладува, и дека особено ќе се истакнеме во онаа добродетел која е спротивна на нашата страст. Кога ќе го направиме ова, тогаш сите други добродетели ќе се подредат и ќе стапат на сила, а страстите ќе ослабат, бидејќи тие обично зависат од нашата главна острастеност.
Св. Теофан Затворник