Јас мислам дека на она што е просто по својата природа му следува бесмртност.
А на кој начин доаѓаме до таквиот заклучок?
Слушај! Ниедно од постоечките битија не е распадливо самото по себе, бидејќи од почетокот не било такво. Распадливото се распаѓа преку делување на нешто што е спротивно на него. Заради тоа, сѐ што е распадливо, тоа е и разделиво. А разделивото е сложено. А сложеното е многуделно. Она што е составено од повеќе нешта, јасно е дека се состои од различни делови. А она што е различно, тоа не е исто. Според тоа, бидејќи душата е проста и не е составена од различни делови, а исто така, бидејќи е несложена и неделива, заради тоа е и нераспадлива и бесмртна. И пак, она што се придвижува од нешто друго, нема во себе животно начело, туку го добива од оној што ја движи, и постои сѐ додека е покренувано од таквата движечка сила. А се распаѓа, штом престане да дејствува тоа начело. Тоа, пак, што не се придвижува од нешто друго, туку има движење самото од себе, никогаш не престанува да биде во движење, зашто на она што е самодвижечко му следи секогаш и да е подвижно. Она што секогаш се движи, е непрестајно. Она што пак е непрестајно – е бескрајно. Бескрајното е нераспадливо. А нераспадливото е бесмртно. Од тука, ако душата е самодвижечка, како што е покажано горе, тогаш таа е нераспадлива согласно приложениот заклучок.
И уште: ако сѐ што е распадливо пропаѓа заради сопственото зло, тогаш она што не пропаѓа – е нетлено. Зло е она – што се противи на доброто, затоа тоа и го разрушува. Бидејќи телото нема друго зло освен страдањето, болеста и смртта, негови доблести би биле: убавина, живот, здравје и сила. А злото на душата е страшливоста, распуштеноста, зависта и слично на тоа. Па сепак, сето тоа не ја лишува неа од животот и движењето. Значи, таа е бесмртна.
Св. Максим Исповедник