Неопходни ќе ни бидат многу часови за да ја опишеме личноста на духовниот отец, онаква каква што е сочувана во вековното сеќавање на црковното предание, но и да ги наведеме многуте дарби што го одликуваат вистинскиот старец. Затоа, накратко ќе се фокусираме само на две од најважните.

Првата е прозорливоста и способноста за проценка, т.е. „способноста да проникне во тајните на човечкото срце, да ги разбере скриените длабочини кои другиот не ги познава. Духовниот отец ги согледува надворешно условените навики со кои вон сите шаблони ја криеме нашата вистинска личност од другите и од самите себе, и ни го открива нашето вистинско лице создадено според образот и подобието Божјо. Оваа сила е духовна, а не материјална. И не е некој вид на суперинтуитивна перцепција, ниту некаква способност за „црковно“ пророкување, туку е плод на благодатта, што претпоставува постојана молитва и непрестајна подвижничка борба“.

Прозорливоста на духовниот отец најпрво се манифестира во откривањето на помислите. Според свети Симеон, прозорливоста е духовен „светилник“ и духовно „око“ преку кои духовниот отец гледа во срцата на своите духовни чеда како во своето срце. Така, тој е во состојба секој пат да ја постави правилната дијагноза и да го препише потребното лечење. Прозорливоста претполага чистота на срцето, таа е обдареност, дар на Светиот Дух. Следствено на тоа, духовниот отец кој „не ја носи во себе светлината на Светиот Дух, нема ни знаење за да ги познае своите дела, ниту е возљубен од Господа. Тој не може ниту да ги води другите и да ги учи на волјата Божја, ниту, пак, е достоен да ги спознава нивните мисли…“ (Св. Симеон Нов Богослов).

Вториот дар на духовниот отец е љубовта – способноста да ги сака другите, да ги прифаќа како свои нивните несреќи и искушенија. Без љубов, духовното пастирство е невозможно. Љубовта, според нашите духовни учители, не е само најважниот квалитет на духовниот отец, туку е основата и суштината на духовното пастирство. Ова е буквалното значење на зборот „сочувство“ – „Поднесувајте ги тешкотиите едни на други и така исполнувајте го законот Христов“ (Гал. 6, 2). Духовниот отец е оној кој најмногу ги носи товарите на своите духовни деца, оној кој ги презема нивните таги, нивната вина, искушенијата, гревовите и неуморно се грижи за нивниот напредок во Христа.

„Брате Андреје, возљубен на мојата душа“, му пишува ава Варсануфиј на своето духовно чедо, „нема момент или час кога не си ми во умот и молитвите. Ако јас те сакам толку многу, тогаш Создателот Бог те сака многу повеќе, а јас при Него сакам да те одведам. Раководи се според Неговата волја.“ (Св. Никодим Светогорец, од книгата „Варсануфиј и Јован“).

Во истата книга наоѓаме една исклучителна молитва, која ја открива големата љубов на духовниот отец кон неговите духовни чеда:

„Еве ме мене и чедата што ми ги довери, запази ги во Твоето име, покриј ги со Твојата десница. Одведи ги кон пристаништето на Твојата волја и запиши ги нивните имиња во Твојата книга… Господи, воведи ги моите чеда во Твоето царство или прешкртни ме и мене од книгата на животот…“

Отец Симеон Кутсас