„Старец“, вели Достоевски, „е некој кој со сопствена волја, во сопствената душа, ја презема вашата душа и вашата волја“.

Старец е човек со внатрешен мир, преку кого можат да се спасат илјадници луѓе. Нему, како плод на молитвата и на самоодрекувањето, му е даден Светиот Дух и дарот на расудувањето кој му овозможува да ги „чита“ тајните на човечките срца; така, тој одговара не само на прашањата што другите му ги поставуваат, туку и на прашањата, честопати многу потемелни, за кои не ни помислиле да ги постават.

Заедно со дарот на расудувањето, тој поседува и дар на духовно исцелување – има моќ да ги возобнови човечките души, а често и нивните тела. Ова духовно исцелување тој не го спроведува само со своите утешни зборови, туку и со своето молчење, па дури и со самото свое присуство. Колку и да е важен советот, многу поважна е посредната молитва. Своите духовни чеда ги прави целосни така што постојано се моли за нив, се поистоветува со нив, ги прифаќа нивните радости и нивната тага како свои сопствени, го зема на своите плеќи бремето на нивната вина или вознемиреност. Никој не може да биде старец ако неуморно не се моли за другите.

Ако старецот е свештеник, неговата служба на духовно раководење тесно е поврзана со Светата Тајна Исповед. Но, старец во целосна смисла на зборот е повеќе од свештеник-исповедник. Старец во вистинската смисла на овој збор не може да биде именуван како таков од страна на некоја духовна власт. Тоа што се случува кога Светиот Дух непосредно им зборува на срцата на христијаните, јасно покажува дека Бог одредена личност ја благословил со благодат да раководи и да исцелува други.

Иако старецот најчесто е јеромонах, тој може да биде и оженет парохиски свештеник, или обичен монах кој не е ракоположен во свештенички чин, а исто така, иако ретко, и монахиња или мирјанка. Ако самиот старец не е свештеник, тој, откако ќе ги ислуша проблемите на неговото духовно чедо, обично ги упатува кај свештеник заради Светата Тајна Исповед и за разрешување на гревовите.

Епископ Калистос Вер