Најмладите членови на македонската дијаспора во Австралија, САД, Канада и Европа се дел од онлајн православно училиште кое почна со работа од месец март.

-Периодот којшто го поминуваме не поттикна да размислуваме малку подлабоко за малку поинаков вид едуцирање којшто ќе биде најсоодветен и ќе може да допре до секој дом. Оваа програма е создадена поради големата заинтересираност од родителите да има часови за нашите најмлади членови на заедницата. Преку нив да научат за нашата вера и да разберат повеќе за нашата Црква и Бог. Истражувањата покажаа дека, иако има голем интерес, многу е тешко да се најде време и место погодно за сите родители, затоа решивме да креираме Интернет програма, велат од МОЈА (Македонска православна младина во Австралија).

Преку овие Интернет апликации, децата учат преку активности и игри дизајнирани за нивната возраст. Со тоа нема географска ограниченост за нивно учество на религиозните студии.

-Програмата е интерактивен начин за учење и исто така ни овозможува да ги испраќаме нашите предавања во различни форми. Тоа им овозможува на децата да ги завршат своите задачи во свое време. Предавањата се интерактивни, едноставни и нашите упатства се во звучна и / или видео форма. Децата задачите ги работат самостојно, можеби негогаш со мала помош од своите родители, велат од МОЈА.

Сите активности од текст, илустрации до комплетиран видео запис се дело на МОЈА, рецензијата ја прави о. Гаврил Галев од манастирот Св. Климент Охридски во Кинглејк, Викторија, Австралија, којшто и врши надзор на сета работа и е духовен лидер и одговорен за проектот, велат од МОЈА.

– Проектот успешно работи веќе неколку месеци и има добар прием не само во Австралија, туку во програмата се вклучија и деца со родители од сета македонска дијаспора, Америка, Канада и Европа. Засега активностите се само на англиски јазик, но во иднина сакаме да ги прилагодиме и на мајчин македонски јазик, додаваат од МОЈА.

Религиозните студии за најмладите почнаа од март годинава во организација на МОЈА (Македонска православна младина на Австралија), со благослов на Неговото Високопреосвештенство господин Тимотеј.