Прва добродетел е верата, зашто со вера и планини се поместуваат и сѐ што ќе посакаш се добива, вели Господ. Со вера секој во славни и чудесни дела се утврдува. Во зависност од нашата ревност, верата или се намалува, или се зголемува.
Втора добродетел е нелицемерната љубов кон Бога и луѓето. Љубовта ги соединува и поврзува во едно сите добродетели. Единствено преку љубовта целиот закон се исполнува и богоугодно се живее. Љубовта се состои во тоа, да се положи душата своја за својот ближен и она што ти не го посакуваш, и на другиот да не му го правиш.
Трета добродетел е постот.
Четврта добродетел е воздржанието, кое е мајка што ги поврзува сите добродетели. Ако го воздржуваш стомакот, ќе влезеш во рајот, бидејќи воздржанието е убиство на гревот, оддалечување од страстите, почеток на духовниот живот и дарител на вечните блага. Напротив, прејадувањето го лишува човекот од духовните дарови, зашто ситоста на стомакот го наведува на сон и поттикнува во него блудни помисли, и тој не може ниту да прави бдение, ниту да чита, ниту да се занимава со ракоделие и никакво друго добро дело не е во можност да исполни.
Петта добродетел е бдението. Бдението со расудување, го очистува умот од расејување и помисли, и го прави лесен и го води кон молитва.
Шеста добродетел е Исусовата молитва. Тоа е заедничко дело на човекот со ангелите. Тоа е молитва, која луѓето ги приближува кон ангелскиот живот. Молитвата е извор на секое добро дело и на секоја добродетел, и таа ја пади од човекот темнината на страстите.
Седма добродетел е смирението и смиреномудрието. Срдечното смирение без труд го спасува човекот, и стариот, и болниот, и сиромавиот и необразованиот. Поради него се простуваат сите гревови, и од самата бездна на гревот го избавува човекот. Преку смиреномудрието сите демонски мрежи и замисли се разрушуваат, и на тој начин се вкоренува духовниот живот и тоа нѐ чува од падови.
Осма добродетел е безмолвие, односно, оддалечување од секоја земна грижа и вознемирување, или целосно молчание среде луѓето. Ако го зауздуваме и воздржуваме својот јазик, тогаш и целото тело се воздржува. Оној, кој го воздржува својот јазик, го избегнува и секое зло кое од него доаѓа. Јазикот е незадржливо зло. Многумина паднале од остар меч, но не толку многу, како што паднале од својот јазик, зашто јазикот е меч со две острици, кој невидливо ги сече и душата и телото, секогаш кога се празнослови на празните собири.
Деветта добродетел е нестекнувањето на предмети и крајната сиромаштија.
Десетта добродетел е расудувањето во секоја работа, бидејќи без расудување и доброто води кон зло и сѐ се претвора во лошо дело.
Без тие десет добродетели невозможно е да се спасиме.
Преподобен Паисиј Величковски