Кога Божјата благодат ќе ја утврди во човекот мислата, дека во сѐ треба да се надева на Бога, тогаш тој почнува постепено да навлегува во искушенија. Благодатта допушта искушенијата да го напаѓаат, но тие никогаш не ги надминуваат неговите сили, па тој може да се спротивставува на нивниот налет. Во овие искушенија тој ќе ја чувствува Божјата помош како му се приближува, и надевајќи се на Бога постепено ќе добива мудрост, за да може да ги презре своите непријатели. Зашто, за да стекне човекот мудрост во духовните борби, да го спознае својот Промислител и Седржител, да го чувствува својот Бог и таинствено да се утврди во верата, не е можно поинаку, освен по претрпувањето на сите демонски искушенија и напади.

Штом Божјата благодат ќе забележи, дека во човековата помисла почнало да се појавува сомневање и дека тој почнал високо да мисли за себеси, веднаш допушта да се засилат искушенијата против него. Тие продолжуваат да го напаѓаат сѐ додека не почне да ја осознава својата немоќ, и одново, преку своето смирение, не се доближи до Бога. Не чуди се дека тогаш, кога ќе пристапиш кон добродетелта, отсекаде почнуваат да те напаѓаат жестоки и силни измачувања, зашто и добродетелта не се смета за добродетел, ако не биде придружена од маки и тешкотии. Затоа и преподобниот отец Јован Колов рекол: „Добродетелите обично биваат пресретнати од тешкотии; тие се недостојни за пофалба, ако се поврзани со спокојот“. И блажениот Марко вели: „Секоја совршена добродетел се нарекува крст, тогаш кога ја исполнува заповедта на Духот“. Такво е и апостолското учење, дека „сите што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тим. 3, 12), а и нашиот Господ Исус Христос вели: „Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде“ (Мат. 16, 25). Затоа Он ни го предлага најнапред крстот, за да се определиме најпрво за крстот, а потоа и да ја испратиме нашата душа да оди по Него.

Ништо не е посилно од очајанието. Тоа не знае некој да го победил со добро или со лошо. Кога човек во мислата своја ќе го лиши својот живот од надежта, тогаш нема ништо пострашно од тоа.

Св. Исак Сириски